Анализа на економската програма на ВМРО-ДПМНЕ

Ова е вториот дел од анализата на економските програми на најголемите политички субјекти во Република Македонија, која ја анализира програмата наречена „Обнова на Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ. Првиот дел од анализата, кој се однесува на програмата на СДСМ, можете да го погледнете овде. Доколку оваа политичка партија успее да ја добие довербата на гласачите, неопходно ќе биде овој документ во текот на четиригодишниот мандат да се претвори во стратегија за економски развој која ќе ги реализира програмите дефинирани во неа во одреден временски период со предвидените определени буџетски средства.

Имено, овој проект се состои од четири дела: Ефикасна држава и силни институции, конкурентен приватен сектор, интегрирана стабилна и безбедна земја и подобри услови за живот за сите граѓани. Ние на ова место ќе се фокусираме единствено на економските аспекти од оваа програма во интерес на аналитичкиот простор.

На полето на јавните финансии, ВМРО-ДПМНЕ планира враќање на рамниот данок, но овојпат тој ќе изнесува 9% од 1 јануари 2021 г., а од 1 јануари 2020 г.  8%, за разлика од минатите години кога изнесуваше 10%. Оваа даночна мерка од аспект на ефикасноста можеби претставува добар потег бидејќи претходно практиката го верификуваше овој факт и беа постигнати поголеми јавни приходи и помала даночна евазија, но од друга страна од аспект на еднаквоста и редистрибуцијата на доходите, оваа мерка и не е добар потег бидејќи de facto и богатите и посиромашните ќе плаќаат исти даноци, а тие што ќе изгубат се посиромашните.

Следствено на сево ова, во програмата е планирано и имплементирање на среднорочно буџетско планирање преку постулирање на фискални принципи со кои буџетскиот дефицит ќе се ограничи на ниво од 3% од БДП, а јавниот долг од 60% од БДП со што воедно ќе биде запазен и Матстришкиот критериум. Доколку биде реализирана оваа фискална мерка, ќе биде остварена поголема буџетска ефикасност и македонската економија нема да навлегува во се подлабоки ризици од аспект на јавниот долг кој и досега се наоѓа на една незавидна маргина. Но, сепак, останува да воочиме што ќе се случи идните години во практиката.

Понатаму, кога сме на теренот на реформирањето на пензискиот систем, овој политички субјект планира да направи компаративна анализа со земјите со сличен економски систем на македонскиот за дефицитот на ПИОМ во насока на решавање на овој децениски проблем, што е за голем поздрав од научен аспект, бидејќи секој економски систем е пожелно да „фрли поглед“ во на него сличните стопански системи, но никако не смее директно да ги копира мерките, бидејќи без реализирана cost-benefit анализа позитивните ефекти од некој економски систем сличен на македонскиот не мора да значи дека успешно ќе се имплементираат кај нас, што може да генерира несакани последици. Промените би биле кон намалување на учеството на придонеси кои се насочуваат кон вториот пензиски столб.

На полето на јавните набавки, оваа политичка партија планира да формира централно тело за јавни набавки преку кое од едно место ќе се вршат сите стоки и услуги за сите институции. Со ова владино тело, би можело да се воспостави некој ред во расфрлувањето со буџетските средства и да се спречат злоупотреби со што би се заштедиле повеќе финансии. Кога сме кај горливата и популарна тема наречена „капитални инвестиции“, овој политички субјект планира да ги зголеми на ниво од 4% од БДП. Искрено, се надеваме дека што поголем дел од овој колач ќе замине во образованието (се предвидува минимум 1% од БДП), бидејќи тоа е фундаментална и исклучително важна категорија од оваа ставка, бидејќи кога ќе спомнеме на капитални инвестиции, ние не смееме само да се фокусираме на јавната инфраструктура (како што најчесто се интерпретира во пристапот на јавното мнение), туку и на развојот на потенцијалниот млад кадар кој ќе биде моторот на економскиот раст.

На ова место, политичката партија планира и формирање на централно тело за следење на капиталните инвестиции, што е мерка за поздрав, бидејќи ќе може поедноставено да се следи нивната реализација со надеж граѓаните да имаат увид во реално време за активностите. Кога сме на лизгавиот терен на платите и пензиите, ВМРО-ДПМНЕ планира зголемување на платите за 25% (5% во 2021, 5% 2022г. итн.). Зошто лизгав терен? Моментално македонската економија како и глобалната, е погодена од пандемијата Covid-19, што е закана за опаѓањето на националниот производ и на продуктивноста од нарушеното здравје на работниците. Сето ова ќе има импакт и врз флуктуацијата на минималната плата, па затоа иднината заедно со трендот на кривата на Covid-19 ќе верификуваат дали оваа мерка е во позитивна насока или не.

Во програмата, се предвидува и пораст на пензиите според принципот 50% раст на плати и 50% раст на животни трошоци т.е. усогласување на пензиите со порастот на просечната плата што беше и практика во неодамнешното минато (за разлика од сегашното правило за усогласување на пензиите со порастот на животните трошоци). Имено, народски речено, секое детенце би мечтаело да добие „стотка“ плус од своите баби и дедовци, но во суштина, „чистото“ и без основа зголемување на пензии претставува потенцијален долгорочен ризик за енормниот дефицит за ФПИОМ кој моментално се закрпува од државниот буџет, кој иако сега е стабилен, не значи дека долгорочно е одржлив. Затоа сме на лизгав терен. Планирано е и зајакнување на фискалната децентрализација со цел да се обезбеди општините одржливо да ги сервисираат услугите кон граѓаните за кои се надлежни. Оваа мерка ако се исполни во практика би значела голем позитивен чекор за локалната самоуправа, со цел надежно веќе да излезат од огромните долгови кои што ги имаат општините поради нерационалните однесувања на градските татковци и советници.

На полето на борбата со сивата економија, ВМРО-ДПМНЕ планира да изработи стратегија за потиснување на овој феномен, во соработка со јавноста и експерти со поддршка и од меѓународни финансиски институции. Овој потег доколку се реализира вака како што е и предвиден во програмата, би бил за голем поздрав и веројатно ќе резултира со позитивни ефекти во македонскиот економски систем. Програмата најавува и воведување на управување со ризик од корупција, потег кој од научен аспект е за голем поздрав, во насока на идентификување и класифицирање по приоритет на ризиците од корупција со крајна цел институцијата да препознае зошто би била мета на корупција.

Кога сме кај индустријализацијата, мерка за поздрав од научен аспект е изработка на студијата за идентификување на стратешки сектори и производи од преработувачката индустрија врз база на компаративните предности на македонската економија. Ова, имено, е стар економски принцип за кој зборувале во минатото многу економисти и воедно е применуван од бројни економски системи, се’ со цел државата стане поконкурентна на меѓународниот пазар со својот реален потенцијал на производни фактори и ресурси. Тука се предвидува и финансиска поддршка од 30-50% од вкупната инвестиција на компанијата, но не повеќе од 200.000 евра со што компаниите ќе имаат обврска да ги зголемат платите на своите вработени за минимум 5% за една година по завршување на инвестицискиот проект. Ова зголемување на платите веќе има некаква реална подлога која ќе биде во корелација со продуктивноста и индустрискиот раст.

Кога сме кај СДИ, како и во минатото, така и сега е предвидено формирање на мрежа на извозни промотори во земји кои ќе бидат селектирани како стратешки пазари за македонските компании и воедно фирмите ќе бидат субвенционирани до 50% (не повеќе од 20.000 евра) за посети на глобални саеми и слично. Овие мерки навидум изгледаат добри, но сепак за во иднина, пожелно е ДТИРЗ за ги квантифицира ефектите од овие субвенции, бројки и информации кои ќе бидат од голема полза за креирањето на оваа политика и за во иднината. Сепак, горна критична вредност од 20.000 евра е голема сума само за еден настап на странски пазар. Посебно на ова место мораме да го потенцираме предвидениот нов модел за привлекување на СДИ, кој би бил поефикасен и порационален од алокациски аспект, со кој се планира ДТИРЗ да изготви листа на странски компании и инвестиции кои се од стратешко значење за македонската економија и напуштање на досегашниот концепт на давање повластени услови за странски компании единствено врз база на критериумите за износот на инвестицијата и бројот на директни вработувања. Препорачливо е да се истражат и ефектите од даночната политика т.е. даночните олеснувања во ТИРЗ за приливот на СДИ.

Од аспект на вработеноста, оваа политичка партија планира да ја намали невработеноста под 10% и да отвори нови 80.000 нови работни места, но сепак потенцира дека тоа би зависело од идната динамика на кривата на Covid-19. Овој план и при овие околности во време на глобална пандемија е дискутабилен и се’ би било одвишно доколку расправаме сега во овој момент. Но, сепак, доколку овој политички субјект солидно ја реформира Агенцијата за вработување и таа си ја извршува правилно и непристрасно својата функција на посредник на пазарот на трудот, дилемата би била редуцирана. Во случај на инвестициски бум од странство во ТИРЗ, би можела оваа визија да се реализира, но тука доаѓаме до проблемот на платите на работниците во овие странски компании, нивната додадена вредност која реално во нашата економија е само мал дел од финалниот производ кој се извезува во странство, реинвестираните добивки и репатрациите на профитите и слично.

Кога сме кај новиот глобален тренд на флексибилно вработување (т.н. freelancing), предвидено е флексибилно вработување со плаќање преку ваучер со цел намалување на неформалните вработувања на пазарот.  Ваучерот ќе го вклучува плаќањето кон работниците и социјалните придонеси. Притоа, секој работодавач има ограничување за колку работници и часови може да користи ваучери за да се спречи супституција на редовен работен однос со ваучер. Предвиденото субвенционирање од страна на владата е непотребна мерка, сепак, на крајот на краиштата, државната рака не треба толку длабоко да се меша во овој пазар со цел да го стимулира. Воведувањето на привремена или сезонска работа на пензионери би можело да биде добра мерка во насока на помагањето на оваа категорија на граѓани, но тие е неопходно да се алоцираат во приватниот сектор во насока да се генерира некоја пазарна додадена вредност, а не во јавниот сектор, се со цел да се избегнат потенцијални бирократизации и одложување на подмладокот во јавниот сектор.

Од областа на енергетиката, програмите за целосна гасификација и поголемата искористеност на обновливите извори на енергија се суштински во овој циклус за македонската економија, највеќе поради амортизирањето на високата загаденост на општеството, која што во комбинација со Covid-19 би биле опасен потенцијален тандем за здравјето на населението и за здравствениот систем кои би сториле сериозни здравствени нарушувања кај граѓаните што на крај би резултирале со ерозија на животниот стандард.  Во доменот на земјоделството, инвестициите и модернизацијата во оваа економска гранка се позитивен чекор за македонскиот аграр со кој би се постигнала поголема продуктивност со што би резултирала во поголема додадена вредност на финалните производи. Управувањето со ризикот од елементарни непогоди во оваа економска гранка е за голем поздрав од научен аспект.

Од аспект на социјалната политика наведени се некои изводливи и позитивни мерки, како на пример бесплатни градинки за сите деца од семејства со минимални приходи. Голем дел од мерките се за лицата со инвалидитет, и овде иако повеќето се пристојни и потребни активности, има и некои проблематични аспекти. Еве на пример се ветува комбиниран систем на квотно вработување на лицата со инвалидитет, како и  стимулативни мерки за работодавачите кои ќе вработуваат лица со инвалидитет. Исто така, задржувањето на овие лица ќе се поддржи со даночни ослободувања, како и обуки за стручно усовршување и доквалификување. Секако дека е потребно овие лица да можат да дојдат до работа (всушност како и сите други невработени лица во лоша финансиска состојба), но сепак како дел од пазарот на трудот и тие треба да поседуваат некои квалитети (во одредена област каде нивната пречка не им оневозможува продуктивна работа).

Државата не смее претерано (потребно е во некој умерен степен) да ги субвенционира таквите лица преку даночни ослободувања и обуки, туку тоа треба да се прави за многу млади невработени лица без искуство на кои исто така им е потребна одредена минимална (почетничка) помош за наоѓање работи или усовршување/доквалификување. Една од мерките е ослободување од данок на личен доход за млади до 29 години кои остваруваат годишни приходи до 6.000 евра. Повторно се врши една неправедност во однос сега на постарите лица. Она што им треба на младите не се пари, туку соодветна работна позиција и соодветни знаење и вештини. Таргетираните мерки само за млади треба да се токму во таа насока, а мерките за намалени даноци и сл. да важат за сите. Како добри мерки ќе ги истакнеме:

  • Компаниите кои ќе вработат ученици кои по завршувањето на средно стручно образование нема да продолжат со студиите, ќе добијат олеснувања и ослободувања за одреден период.
  • Месечна финансиска поддршка за компаниите кои ќе вработат млади до 29 години кои се невработени подолго од 24 месеци, а се од семејства во социјален ризик.
  • Загарантирана работа на 500-те најдобри студенти од државните универзитети.

Понатаму се ветува издвојување на 4 милиони евра за претприемничка иницијатива на млади. Во споредба со другите суми за оваа мерка можеби е одвоено и помалку средства од потребното. Претприемништвото е единствен начин за раст на продуктивноста особено важно кај новите иновативни индустрии и сектори.

Други соодветни проекти кои се ветени и ги издвојуваме:

  • Работа паралелно со студирање, со отворање кариерни центри во рамки на државните универзитети, како и модернизација и отворање на нови кариерни центри во рамките на средните стручните училишта.
  • Стипендии во износ до 300.000 денари за академската година, кога учениците ќе постигнат резултати на светска олимпијада, меѓународен, државен, регионален или општински натпревар во знаење.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде