Анализа на економската програма на СДСМ

Изборната кампања традиционално е период кога партиите се расфрлаат со најразлични ветувања. Малку од нив се остваруваат, или дури и споменуваат по завршувањето на изборите. Најчесто тоа е така бидејќи ветувањата кои ги слушаме сега се популистички и дизајнирани за да привлечат глас, или во најмала рака, интерес. Во реалноста, многу од нив се соочуваат со тешки проблеми при имплементацијата, а најмногу од финансиска природа. Ова е најчесто случај со економските мерки, каде е најлесно да се вети просперитетот што сите го посакуваме, а најтешко да се реализира. Затоа, ние во YEM одлучивме да направиме кратка анализа на изборните програми на двете најголеми политички партии во Република Македонија, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ.

Во оваа статија ќе биде изнесена анализа на економската понуда на владејачкиот Социјалдемократки Сојуз, додека анализата на програмата на ВМРО-ДПМНЕ ќе следи малку подоцна. Мерките во програмата не следат некој особен ред, па затоа така ќе бидат анализирани овде. Секако, не може да се очекува дека во оваа куса анализа ние ќе ги опфатиме сите предлози, па заради тоа се фокусиравме на некои кои сметавме дека би имале најголем импакт врз економијата, или пак кои се најекспонирани во предизборната потрага по гласови. Поголемиот дел од проектите, се секако, солидни, и повеќето нема тука да бидат листани од причина што тоа само би постанало ново презентирање на изборната програма на партијата.

Трите ударни ветувања – раст на БДП од 4%, инвестиции од 1 милијарда евра и просечна плата од 600 евра, се секако, чист популизам без никаква научна издржаност. Економијата не е гатање во кристална топка, и се покажа дека и фактори како еден обичен вирус може премногу лесно да ги поматат сите сметки. Уште полошо од аспект на економијата, овие цели не се објаснети. Никаде во програмата нема концептуализација на овие цели, нема објаснување КАКО ќе бидат постигнати. Работата станува уште поневеројатна ако се земе в предвид дека ние сме немале стапка на раст на БДП од 4% уште од 2015 година, и што во моментов се наоѓаме во голема економска криза. Од аспект на инвестициите, никаде не е спомената ниту стратегија за нивно привлекување, ниту пак таргетирани сектори, додека кај платата се работи за истиот случај како и претходното ветување за плата од 500 евра, кое секако, не се оствари. За вакви прокламации и празни ветувања, секако, не е виновна само СДСМ, туку сите партии во сите изминати циклуси. Сепак, ние мора остро да ги нападнеме, во надеж дека тие понатаму ќе престанат, и изборната дебата конечно ќе биде префрлена на некое поинтелектуално ниво.

Понатаму, партијата ветува раст на платите во здравствениот и образовниот сектор. Растот на платите во здравството го оценуваме како навистина потребен со цел да се запре иселувањето на овој круцијален кадар, но дефинитивно треба да се има предвид дека иако ваква мерка е неопходна, таа не и доволна, кога станува збор за подигнување на квалитетот на здравството. Имено, медицинските професионалци, освен што имаат потреба од повисока плата, исто така имаат барања за квалитетот на нивната работна средина и атмосфера кои може да им се и поважни одошто платата, при донесувањето на одлуката за иселување. Дополнително, исклучително е важно платата да биде врзана со нивните перформанси. Секако, не преку бројот на прегледани пациенти како што беше порано, туку со задоволството на нивните пациенти.

Сличен проблем постои и кај ветениот пораст на платите во обрзаванието. Ние имаме ситуација каде македонскиот образовен систем континуирано паѓа по сите ранкинзи и индикатори за образование, додека истовремено платата на образовните работници континуирано расте. Ако досегашниот раст на платите во овој сектор водел до опаѓање на квалитетот на образованието, можеби е време, наместо арбитрарни покачувања, да се врзе платата со квалитетот на образованието кое го добиваат учениците.

Растот на минималната плата е уште едно ветување кое во моментов е неодржливо. Моментално, постојат повеќе европски земји со многу повисоко ниво на економска благосостојба од нас, кои имаат доста пониска минимална плата. Релеватнтни институции како ММФ сметаат дека ново покачување би било претерано. Секако дека сите би сакале минималната плата да е што повисока, па и на повисоко ниво од моменталната просечна плата, но треба да се размислува дали ваквата мерка е одржлива. Дали фирмите, особено микро и малите фирми кои се доминантни во македонската економија, имаат сила да издржат такво оптеретување, и дали последица на ова не би било исфрлање на дел од вработените? И дали навистина ни е потребно подгревање на и онака високата невработеност, која и пред корона-кризата беше катастрофална? Минималната плата мора да се зголемува во линија со растот на продуктивноста, која за жал, веќе неколку години опаѓа во Македонија.

Во линија со ова, препорака до сите партии, а не само до СДСМ, би било да се направи анализа на движењето на вкупната факторска продуктивност како клучна компонента на моделот на раст која ја мери ефикасноста на процесите како и квалитативните промени во истите. Уште еден недостаток на многу изборни програми е отсуство на стратегија за брендирање, т.е отсуство на посуштинска пазарна анализа со која ќе се утврди извозниот потенцијал на домашните производи. На овој начин би се одредиле нашите стратешки производи кои мора да се брендираат и помагаат, со што би се зголемила конкурентноста на економијата.

Воведувањето на минималната пензија е исто така хумана мерка, но прашање е колку е остварлива, во услови кога пензискиот фонд на Македонија веќе е во голема дупка. Всушност, ништо не е поприсутно од отсуството на било каква анализа на финансиската и социјалната одржливост на пензискиот систем. Реформата на Државниот инспекторат за труд дефинитивно е потребна, но никаде не е објаснето на кој начин таа би била изведена. Мерката за еднакви плати меѓу мажите и жените, од друга страна, е чисто маркетиншка. Не постои жена со исти квалификации и иста позиција како маж, која зема помала плата за својата работа. Ако беше така, фирмите ќе вработуваа само жени, и ќе си ги скратеа трошоците. Оваа мерка е непотребна, но и невозможна да се спроведе, зашто никогаш нема да може да се докаже дека двајца работници се потполно исти и по квалификации, и по стаж, и по труд, и по позиција.

Во програмата често се среќава и фалење со обемот на средства од европските фондови, што е навистина чудно бидејќи нив владата ниту ги обезбедува, ниту пак е одговорна за нив. Наместо тоа, многу посодржајно би било да се ветат начини за подобро искористување на овие фондови, кој во Македонија досега се констатно неискористувани до крај. Многу помудро би било да се бараат начини за поголемо капитализирање на средствата од фондовите, главно преку едукација на населението и помош при извршување на процедурите. Од друга страна, враќањето на водостопанските заедници го оценуваме позитивно, како добра насока за развој на земјоделието.

Имплементирање на модел на SMART KPI и развојни индикатори кај капиталните инвестиции е особено добра идеја, која одамна е потребна во Република Македонија и која се надеваме дека непристрасно ќе се спроведе. Уште еден добар правец на ветените реформи е зголемувањето на енергетскиот потенцијал на македонската економија што претставува значаен инпут во производните процеси. Сепак, се чини дека фокусот е премногу ставен на еколошки извори на енергија, што иако е за поздравување од аспект на животната средина, е за жал, се уште многу неефикасно во производството. За да можеме дури и само да се доближиме до енергетска независност ќе бидат потребни големи инвестиции.

Од аспект на даноците, она што прво паѓа во очи е еден доста чуден момент. Имено, во програмата е наведено дека Социјалдемкратсиот сојуз ќе го гарантира моменталниот рамен персонален данок од 10%, за веќе во наредната потточка да напишат дека остануваат посветени на воведувањето на прогресивен данок. Секако, двете истовремено се невозможни, а фактот што двете се ставени како ветувања само би предизвикало конфузија и несигурност кај стопанствениците.

Уште едно нелогично ветување е намалувањето на персоналниот данок во ИТ индустријата до 0%. Се поставува прашањето зошто? Зарем најскапо платената индустрија во Македонија има потреба од повеќе пари? Или дали е потребно стимулирање на интересот кон оваа гранка, ако се има в предвид дека најмногу пријавени студенти на УКИМ има токму за факултетот за информатички технологии? Од друга страна, субвенционирањето на дообучување, и повратот на данокот за ваквите активности е одлична мерка, за која ќе биде потребен добар маркетинг за да се поткрене свесноста.

Укинувањето на данокот за електрични возила е добра идеја, но треба да се има во предвид дека за таквите возила потребно е градење на специфични услови за напојување. Неплаќањето ДДВ за увезени суровини и машини кои ќе се користат за извозни производи е ретко брилијатна идеја, која за жал ќе има мал ефект во ваквата структура на македонската економија, која е главно насочена кон извоз на суровини, а увоз на производи со висока додадена вредност. Од друга страна, ветеното ослободување на плаќање данок на сите новосоздадени приватни претпријатија формирани од жени е чиста полова дискриминација без НИКАКВО економско објаснување или оправдување. Истото важи за ветените субвенции за женско претприемништво.

Сепак, треба да се води сметка и дека од сите овие ветувања следи, генерално, намалување на сумата што државата ја превзема преку даноците, односно на јавните приходи, што не само што не е многу социјалдемократски, но и е проблематично бидејќи не е придружено со рационализација на расходната страна. Со други зборови, имаме ветувања кои се сведуваат на намалени приходи, а зголемени расходи, што веројатно значи дека разликата би била покривана преку задолжувања. Колку ова е оправдано е големо прашање, знаејќи дека јавниот долг веќе е близу до 60% од БДП. Секоја држава сепак има оптимално ниво на долг, до кое Македонија веќе опасно се доближува.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде