Економскиот систем на САД

0
129

Во САД денес постојат и се конфронтираат две идеолошки и теориски струи (школи):

  • Неолиберална (конзервативна);
  • Реформистичка (либерална).

Неолибералната школа, до денешни дни ги пропагира идеите на либералниот систем, наречена „конзервативна“, бидејќи до 1980-те години, се спротивставувала на историските трендови.

Реформистичката школа, бара нови реформи во економскиот систем и поголема државна интервенција, е наречена „либерална“, бидејќи сака да ги зачува личните слободи и права на граѓаните, спротивно на монополистичката контрола.

Неолибералната школа и денес ја развива неокласичната економска теорија, а реформистичката и денес се придржува кон кејнзијанската т.е. неокејнзијанската економска теорија и теоријата за мешана економија. Во политичкиот систем на САД неолибералната струја дава идејна основа во програмите и платформите на Републиканската партија, а реформистичката на Демократската партија.

Главен претставник на неолибералната школа во САД по Втората светска војна беше Фридрих Хајек, а во поново време Милтон Фридман. Хајек уште пред крајот на војната објави книга под наслов: „Патот кон ропство“, со основната мисла дека тој пат е економското планирање. Неолибералната школа има голема верба во благодетите од слободниот пазар. Таа и денес е следбеник на идеите од класичната економија на Адам Смит. Таа нема доверба во државата како множество на организирани институции кои би требало да помагаат во функционирањето на економскиот систем. Таа не ги признава економското планирање ниту пак тековната економска политика, туку само го фаворизира пазарот. За оваа струја, државата по дефиниција е бирократска и тие се апсолутни поддржувачи на позитивната економија (економската реалност е таква каква што е, не како треба да биде). Неолибералната идеологија не е толку раширена меѓу интелектуалците, колку што доминира и денес во јавното мнение пропагирана од печатот и другите масовни медиуми, а безрезервна поддршка ужива кај самите менаџери и претприемачи. Идејата за слободниот пазар во САД израсна во мит што преживеа до денешни дни. Од името на слободниот пазар се бранат и корпорациите од обидите на државна контрола, колку и да е тоа парадоксално. Од името на слободните економски односи менаџерите и претприемачите им се противставуваат и на синдикатите. Уште еден парадокс е тоа што идејата за слободниот пазар владее и во самите државни органи, кај државните службеници, експерти и функционери. Од името на слободата на пазарот се донесувани и антимонополски закони.

Главни претставници на реформистичката школа во САД по Втората светска војна се: Џон Кенет Галбрајт, Василиј Леонтиеф, Пол Семјуелсон и Џејмс Тобин. Галбрајт беше доајен на американскиот либерализам и претставник на институционалната школа во економијата. Либералниот систем во САД, за разлика од европскиот, се темели на верувањето дека државата, преку масовна интервенција во економијата и широки социјални програми, може да обезбеди економски развој и социјална правда. Тој сметаше дека невидливата рака атрофирала. Економската моќ неповратно го истиснала слободниот пазар во модерната индустриска држава. Прашање беше само кој ќе ја добие моќта и за каква цел. Тој претпочита тоа да бидат граѓаните преку посредството на една влада. Василиј Леонтиеф е познат по неговиот input-output метод (меѓусекторска анализа) за економијата и како најгласен пропагатор на општодржавно планирање. Примената на input-output методот овозможува да се согледа поврзаност и меѓузависноста на одделните економски сектори, гранки и сл., да се согледаат ефектите (последиците) од примената на одредена мерка на економската политика итн. (Stojkov, 2008) Пол Семјуелсон е познат со својот популарен учебник за применета економија во САД, но и како приврзаник на теоријата за мешана економија. Тој смета дека пазарот не е совршен систем, но не незаменлив систем ако неговите недостатоци се надминуваат со државна интервенција и регулација. Џејмс Тобин е познат по т.н. Тобиновиот коефициент (означен со буквата q). Тоа е теорија на врската меѓу берзанските цени на акциите и инвестиционите трошоци. Кога паричната маса е во пораст, заради вишокот на пари се јавува потреба од ослободување од неа преку пораст на трошењата. Дел од вишкот пари оди на берзите зголемувајќи ја побарувачката за нив, и консеквентно, подигајќи ги нивните цени (Tobin, 1971, 1977). Доколку овој однос е висок, пазарната цена на компаниите е релативно висока во однос на трошоците за замена на капиталот, па во таа насока новата опрема и новите фабрики се евтини во однос на актуелната цена на деловните фирми. Кога, пак, овој коефициент q е низок, компаниите нема да купуваат нови инвестициски добра бидејќи пазарната вредност на компаниите е ниска во однос на трошоците на капиталот (Petreski, 2002).

Реформистичката школа во САД започна во првите години по Втората светска војна, а државната интервенција во економскиот систем уште порано т.е. во времето на големата економска криза. Во 1950-те Галбрајт разви теорија за рамнотежа т.е. противтежа на силите („моќта на противтежа“-термин кој самиот го лансирал). За него беше јасно дека економијата беше толку монополизирана што веќе не дејствувале принципите на пазарната конкуренција. Тој одговара дека во пресрет на монополизираната понуда се јавува и монополизирана побарувачка (пример ако авионската индустрија, бродоградбата и слично се монополизирани – монополизирани се и авионската, морската и слични сообраќајни гранки па на тој начин се јавува противтежа на силите). Во работните односи, пак, како противтежа на големите корпорации се јавуваат големите синдикати и државната бирократија за да преговараат. Целиот овој концепт на рамнотежа на силите во економијата е во прилог на крупниот бизнис, слично на неокласичната идеологија (конзервативна). Тој жестоко го критикуваше системот кој овозможува приватно богатство, од една страна, и неквалитетни јавни добра, од друга. Имаме перфектно уредени станови, куќи и дворови, но надвор од нив се соочуваме со раскопани и нечисти улици, полни со дупки, уништени тревни површини и јавно зеленило, запуштени паркови и јавни спортски објекти. Галбрајт како либерал, се сврте кон реформистичката школа која бараше државата да има позначајна улога отколку само да биде противтежа на силите на монополите. Тој бил советник на пет американски претседатели од Демократската партија, а со Џон Кенеди имал особено блиска соработка. Социјалните програми на претседателот Линдон Џонсон се во голема мера дизајнирани според идеите на професорот Галбрајт. Тој денес има малку следбеници, а неговите тези за корпоративистичката држава практиката не ги потврди. Идеологијата на слободниот пазар однесе превласт над залагањето за масовна државна интервеција, како во развиените земји, така и во земјите во развој, вклучително и во поранешните социјалистички земји (Slaveski, 2020). Реформистичката школа во центарот на своето внимание ги става граѓаните како потрошувачи на кои треба да им служи државата. Во 1970-те години реформистичката струја освен државна интервенција побара и подлабоки реформи во економскиот систем. Во таа деценија се јавија и шоковите во американска економија па по таа аналогија дојде и до нова конфронтација меѓу реформистичката и неолибералната струја, од која, на крајот, победник излезе неолибералната која стана доминантна во 1980-те и 1990-те години. Трансформацијата на економскиот систем во САД, како и во останатите западни земји, се вршеше многу повеќе под влијанието на неолибералната струја.

Во американската економија врз претприемачите и менаџерите во индивидуалните фирми и во корпорациите нема влијание реформистичката струја, туку тие се држат до неолибералистичката школа. Реформистите вршат влијание врз државните органи.

Во САД немало никаква национализација на приватниот капитал од ниедна економска гранка. Јавниот сектор е мал по обем и е создаден по оригинерен метод (со државни инвестиции во изградба на нови објекти). Овој сектор е застапен исклучиво во инфраструктурата и служи како сервис за приватниот сектор и за населението т.е. не функционира за профит. Го има многу и во нестопанските сектори (образование, наука, здравство, комунални служби, рекреација), но и тука паралелно егзистира со приватниот сектор. XIX век се карактеризираше со голема јавна асистенција на бизнис претпријатијата, низ поддржување на изградба на канали, железници и останата инфраструктура. Во периодот 1880-1910 година дојде и до засилено зголемување на големиот бизнис (Beard, 1913). Отсуството на институции само го забрза развојот на крупниот бизнис.

Државната интервенција во приватниот сектор се врши за поуспешно функционирање на актуелниот економски механизам и за коригирање на некои дефекти на системот. Таа е за помош на приватниот сектор, а не за контрола.

САД се единствената држава, која многу рано во Конгресот донесе закони против големите бизниси: Interstate act (1887г.), Sherman act (1890г.) и Clayto act (1914г.). Во 1906 година, со Хепбурновиот акт се имплементира и регулација на железниците. За Европа не беше својствено антимонополското законодавство. Европските држави ги штитеа гилдите и картелите (Keller, 1979).

Специфичен вид на државна интервенција во американската економска историја беше проектот The Tennesse Valley Authority, која беше основана во 1993 година, како речен проект со интенција да го подигне животниот стандард во депресираната област. Претседателот Френклин Рузвелт, на прашањето што би им кажал на граѓаните за политичката филозофија на овој проект, тој одговорил: „Јас ќе им речам дека не е тоа ни рак ни риба, но што и да е, ќе осетат подобрување луѓето од долината на Тенеси“. Таму како пионер израсна најголемата електрична куќа во САД.

Државната управа во САД е децентрализирана. Власта е поделена на три нивоа: федерално, федерални држави и локално. Федералната влада е одговорна за националната одбрана, за поштите, печатењето пари, регулирањето на трговијата меѓу американските држави и меѓународната трговија. Државните и локалните власти се одговорни за едукацијата, социјалната грижа, полициска и противпожарна заштита и обезбедување на локални комунални услуги, библиотеки и сл. (Stiglitz, 1988) Според Уставот, се она што не е експлицитно делегирано на федералната влада, останува во надлежност на државата и народот (Kekenovski, 2010). Овие разлики ги користи приватниот сектор при територијалното разместување на својот капитал. Локалните органи добија поголем авторитет во последно време (пример е заштитата на животната средина). Но, сепак, тенденцијата е кон централизација на управата.

Следна карактеристика на државната управа на САД е автономијата на одделните државни органи, и тоа не само вертикално (според федералното, државното и локалното ниво), туку и хоризонтално (меѓу разните органи од исто ниво). Во таа насока, се јавува неконзистентност во интеракциите, се отежнува функционирањето и на самиот државен механизам, со што тој често се претвора во лимитирачки фактор во економскиот систем.

Сепак, во САД постои една врховна државна институција со многу големи уставни права и надлежности, а тоа е претседателот на САД – истовремено и личност и самостојна државна институција. Тој има поголеми надлежности од претседателот на влада (премиерот) во европските земји.

Методи за државна интервенција во САД се (Kostovska and Uzunov, 2000):

  • Донесување на законски прописи. Американскиот Конгрес како највисокото законодавно тело, донесува правни акти со кои им се налага соодветно однесување на економските организации, вклучително и на монополите. Државните органи го надгледуваат придржувањето кон прописите преку задолжителни извештаи од компаниите, но постојат и инспекциски служби.
  • Користење на даноците и државните расходи. Преку даноците, придонесите и таксите во државните буџети во државните и јавните фондови се прибираат големи финансиски средства, кои вкупно достигнуваат до 30% од националниот доход.
  • Користење на федералниот резервен систем на државни банки. Се користи за водење на стабилизациона политика и се користи преку неколку лостови:
    • Државата преку националните банки им продава на приватните банки, претпријатијата и населението државни обврзници и на тој начин прибира финансиски средства за своите тековни расходи и инвестиции. Продажбата во инфлаторни времиња значи прибирање на дел од вишокот на финансии од пазарот со што се врпи дефлаторен процес во економијата, додека пак за време на рецесија преку националните банки државата откупува дел од обврзниците и на тој начин трансферира куповна моќ во прометот.
    • Во инфлаторни времиња се пропишува депонирање на поголема задолжителна резерва од средствата на деловните банки во државните, а во време на рецесија оваа резерва се намалува за да се катализира кредитниот потенцијал на деловните банки.
    • Во инфлаторни времиња се пропишува повисока референтна каматна стапка на кредитите што државните банки им ги одобруваат на деловните, а во време на рецесија овие камати се снижуваат.
    • Во време на рецесија државата гарантира кредити што деловните банки им ги одобруваат на фирмите и на тој начин го превзема ризикот, а во инфлаторни времиња ги снижува овие гаранции.
  • Регулација на цените и манипулација со државните стоковни резерви. Овој метод се користи најмногу во аграрниот сектор, но и кај стратешките суровини: нафта, челик, обоени метали. При поголема понуда државата ги откупува вишоците по гарантирани (ненамалени) цени, а при поголема побарувачка од овие вишоци таа продава.

Со актуелната трансформација на економскиот систем на САД, останува уште само да се потенцира дека настапува процес на дерегулација т.е. намалување на државната интервенција во економскиот систем.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде