Ефектот од минималната плата врз вработеноста во САД

0
166

Една од главните мерки кои ги бараат и нудат поборниците за поголема социјална еднаквост е минималната плата. Според нив, должност на државата е да се гарантира одреден минимален животен стандард за сите свои вработени граѓани. Преку законско утврдување на минимална плата, тие сметаат дека ќе ги примораат сопствениците да одвојат дел од своите високи профити и да го поделат на своите сиромашни работници. На овој начин, би се намалила разликата помеѓу нивните соодветни примања.

Но, од друга страна, либералните економисти се спротивставуваат на ова, тврдејќи дека сопствениците нема да си ги скратат профитите, туку ќе сакаат да ги одржат исти. Заради ова, за да ги одржат исти издатоците за работна сила, тие ќе ја компензираат минималната плата преку бркање на дел од постојните работници. Тие исто така тврдат дека воведувањето на минималната плата ќе значи и потешко вработување на ниско-обучена работна сила, која, како таква, нема да може да ја оправда оваа нова, повисока цена за нивниот труд. Со други зборови, минималната плата, според нив, нема да доведе до поголема еднаквост, туку само до поголема невработеност.

Овде, накусо ќе ги изложам заклучоците од две студии кои истражуваат каков ефект имало покачувањето на минималната плата врз ниско платената вработеност на два различни случаи во САД. Во октомври 1993та година, Давид Кард и Алан Кругер преку Националното Биро за Економски Истражувања на САД ја објавуваат една од најцитираните студии од оваа проблематика. Таа е наречена: “Minimum Wages and Employment: A Case Study of the Fast Food Industry in New Jersey and Pennsylvania”. Во студијата се опфатени 410 ресторани за брза храна во Њу Џерси и Пенсилванија.

Овие две соседни сојузни држави не се одбрани случајно. Имено, на почетокот на таа година, минималната плата во Њу Џерси била зголемена од 4.25$ на час на 5.05$, додека во Пенсилванија, минималната плата се задржала на претходното ниво на Њу Џерси. Токму затоа, споредувањето на вработувањата во двете држави претставувале одлична и едноставна можност да се испита ефектот на минималната плата врз вработеноста.

Авторите свесно ја избрале и индустријата за брза храна поради тоа што таа е главниот работодавец на ниско платени работници, а новиот закон би ги опфатил речиси сите вработени во индустријата. Дополнително, производите на различните ресторани во оваа гранка се релативно хомогени, што овозможува лесна и релевантна споредба. Студијата почнала еден месец пред зголемувањето на минималната плата, во фебруари 1992г, преку телефонска анкета на различни ресторани за брза храна како Бургер Кинг, КФЦ, Вендис и Рој Роџерс. Во анкетата, работодавците биле прашувани за бројот на вработени, нововработени, висината на платите, цените и др, а на неа одговориле 410 бизниси.

Анкетата била повторена во ноември 1992, околу 8 месеци по зголемувањето на минималната плата. Од 410те бизниси кои одговорија на првата анкета, 404 одговориле и на втората. Останатите 6 во меѓувреме затвориле. Студијата покажала дека сите вработени кои добивале плата под 5.05$, сега ја добивале оваа нова минимална сума на час, но тоа зголемување немало речиси никаков “spillover” ефект врз оние со повисока плата (нивните плати останале непроменети). Интересно е што, од аспект на вработеноста, оваа студија го покажало спротивното од очекуваното, односно, бројот на вработени не само што не се намалил, туку дури и се зголемил, додека вработеноста опаднала во Пенсилванија, каде немало зголемување на минималецот. Исто така, во Њу Џерси бил покачен и процентот на трајно вработени наспроти привремени. Од друга страна пак, качувањето на минималната плата значело и зголемување на цените на оброците.

Бидејќи во истиот период вработеноста во рестораните во Пенсилванија е намалена, а во Њу Џерси е зголемена, вкупниот раст на вработеноста во Џу Џерси е 13% во споредба со Пенсилванија. За истиот период, промената на вработеноста кај високо платените работници е речиси иста помеѓу двете држави, што укажува дека зголемувањето на ниско платените вработени е резултат на зголемената плата. Другите параметри, како бројот на часови кога рестораните се отворени, бројот на активни каси во 11 часот, вкупниот број каси, бенефициите за вработените (бесплатни или оброци по намалени цени) не бележат никаква статистички значајна промена. Сепак, просечната цена на продажба за истиот период се покачила за 4% во однос на Пенсилванија.

Оваа студија покажува спротивни резултати од очекуваните: имено, бројот на ниско платени невработени се зголемил со зголемувањето на минималната плата. Делумно, но не целосно, ваквите резултати можат да се објаснат со претходно споменатото зголемување на цените на производите. Сепак, постојат и студии кои го тврдат спротивното од овие, односно одат во линија со Фридмановите идеи. Таква е наредната студија која овде ќе ја изложам, која е насловена “Minimum Wage Increases, Wages, and Low-Wage Employment: Evidence from Seattle”.

Се работи за поскорешна студија, датирана од јуни 2017 година, напишана од група автори од Универзитетот во Вашингтон. Таа го анализира ефектот од зголемувањето на минималната плата во градот Сиетл од 9.47$ на 11$ на час во 2015, и на 13$ во 2016 година (вкупно зголемување од 37.3%), донесена како резултат на т.н движење “Борба за 15$”, кое бара минимална плата од 15$ на федерално ниво.

Студијата истражува дали постојат разлики во вработеноста пред и после двете соодветни зголемувања на минималецот, но и ги споредува бројките во Сиетл со соседната област Кинг, како и со блиските области Снохомињ, Китсап и Пиерс кои не делат граница со Сиетл. Без да се навлегува во исклучително комплексната методологија која ја користеле авторите, може да се каже дека бројките покажуваат доста интересни резултати. Прво, резултатите ја потврдуваат студијата на Кард и Кругер, односно уште еднаш потврдуваат дека минималната плата немала ефект врз вработеноста во секторот на ресторани.

Но, оваа студија покажува дека покачувањето на минималецот имало ефект врз ниско платените вработени во другите сектори. Таму, бројот на вкупни работни часа од сите вработени опаднал за 6.9%, што значи дека биле загубени 5 000 работни места. Оттаму, бидејќи платите пораснале за 3.2%, а бројот на часови се намалил за 6.9%, следи дека побарувачката на ниско платен труд има еластичност од околу -2.6, што значи дека ниско платените работници се лесно заменлив фактор на производството (најчесто од поспособни, подобро платени работници, или автоматизација на работните места).

Оваа студија исто така заклучува дека просечниот ниско платен работник всушност добил помал доход благодарение на покачувањето на минималната плата. Имено, студијата пресметала дека просечната месечна плата пред покачувањето на минималецот за овие работници била 1,900$. Со покачувањето на минималецот, нивните работни часови се намалиле, со што оваа плата се намалила за 130$. Зголемувањето на минималецот компензирало за ова со 56 долопнителни долари, со што нето загубата била 74$ месечно. Тоа, секако, не е мала сума за ниско платените работници.

Зошто резултатите на втората студија се косат со оние на првата? Авторите на втората студија наведуваат повеќе причини. Прво, гореспоменатиот факт дека тие го истражуваат целото стопанство, наместо конкретни гранки, како претходните студии. Второ, тука е и фактот што немаат начин да дознаат дали вработеноста можеби се преселила во предградијата и блиските места до Сиетл кога во градот се покачил минималецот. Потоа, тие ги анализираат ефектите од закон со кој минималецот се качил на доста повисоко ниво одошто она што било истражувано во останатите студии. Исто така, новина во нивната студија е што се анализира еластичноста на побарувачката на трудот на еден град, која би требало де факто да биде повисока одошто онаа на ниво на цела сојузна држава.

Сепак, пред се, ниту едната ниту другата студија тврдат дека нивните наоѓања се дефинитивни, ниту пак дека тие можат да се генерализираат на сите нивоа на власта (локално, сојузно, федерално), или пак дека важат за сите држави. Ова се должи на тоа што секој пазар на труд си има свои специфики по кои се разликува (индустриската структура, квалитетот на работната сила, географијата, бројот на работници, итн.) и кои можат да предизвикаат различни резултати при зголемувањето на минималецот. Дополнително, и самиот начин на зголемување на платата (дали и колку е најавен однапред, дали е субвенциониран, колку е голем, дали постојат олеснувања, итн.) може драстично да ги измени резултатите.

Сепак, мене ми изгледа дека во случајов, разликата помеѓу резултатите од овие две студии се должи примарно на висината на покачувањето на минималецот, која е доста поголема во втората студија. Според мене, ова упатува кон заклучок, или барем основано сомнение, дека минималната плата не може да расте бесконечно, без со себе да повлече негативни ефекти. Таа, за одредена економија во определено време, има свое оптимално ниво, кое доколку се надмине носи поголеми штети одошто користи за сите, вклучително и за ниско платените работници.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде