Зошто „одливот на мозоци“ е горлив проблем за една економија?

0
617

Обидувајќи се, низ повеќето досегашни сопствени анализи и истражувања, да дадам одговор на причините за нискиот економски раст со кој се соочува Македонија, неминовно во фокусот на моето внимание успеа да се наметне проблемот кој државата го има со одливот на младиот и квалификуван кадар – оној кој, по секоја логика гледано, требаше да биде движечкиот мотор кој ќе ја придвижува економската активност, а со тоа ќе се забрза економскиот раст. Пред да преминам на конкретните бројки за ваквиот феномен и подетална анализа на овој проблем на македонското поднебје, ќе ги претставам неколкуте основни поимања коишто се потребни за разбирање на ваквата тематика.

Миграција е процес на движење на население од една локација во друга, со цел промена на живеалиштето трајно или привремено. Ова движење често се однесува на долго растојание и од една држава во друга, но исто така возможна е интерна миграција (во рамките на една државна територија). Луѓето мигрираат како индивидуи, како семејства или како цели групи. Лице кое мигрира заради природни непогоди, војни, немири или било каков облик на граѓанско вознемирување може да се опише како бегалец. Лице кое бара да мигрира заради политички, верски или други видови прогон обично се опишува како барател на азил.

Номадското движење не се смета за миграција затоа што е без намера за трајно престојување во новото место. Исто така, привремените движења на луѓето како патување или туризам не се сметаат за миграции, заради отсуството на намерата трајно да се живее во посетените места.

Што се однесува до статистиката, можеме да ги издвоиме следниве неколку информации, кои јасно ги покажуваат миграционите текови во последниве десетина години:

  • Вкупен број мигранти: 258 милиони или 3.4% од светската популација.
  • Во 2013, процентот на мигранти на светско ниво се зголемил за 33% при што 59% од мигрантите ги таргетираат земјите во развој.
  • Од 2010, 16.3 милиони или 7.6% од мигрантите биле бегалци. На крајот од 2012, приближно 15.4 милиони биле бегалци или во бегалска ситуација – 87% од нив добиле азил во развиените земји.

Во контекст на земјите кои се соочуваат со проблемот на одлив на мозоци, тие можат да се поделат на две групи – оние од каде што мигрантите доаѓаат, и оние земји кои ги примаат истите. Така, земји кои во текот на последниве години примиле најмногу мигранти се: САД, Германија, Велика Британија, Канада, Франција, Австралија, Шпанија, Италија, Холандија и Швајцарија. Од друга страна пак, земјите од кои мигрантите доаѓаат најчесто се: Мексико, Филипини, Индија, Кина, Доминиканска Република, Виетнам, Куба, Гватемала, Ел Салвадор, Јужна Кореја, Сирија, Пакистан и Украина.

Познати примери од некои земји:

  • Бугарија и Романија: Десет години откако станаа членки на ЕУ, Бугарија и Романија страдаат од егзодус на обучени работници. Но нивниот одлив на мозоци стана прилив на мозоци за Германија.
  • Индија: Мигрантите од Индија во Америка се познати како врвни програмери. Познато е дека имаат голем придонес во носењето на индиските продукти (најчесто компјутерски и мобилни апликации) во Америка.
  • Афричките земји: Следниот голем бран на мигранти се очекува од Африка. Денес, повеќето Африканци живеат во сиромаштија и не можат да си дозволат промена на живеалиштето. Но како што континентот полека ја намалува сиромаштијата, се повеќе Африканци ќе размислуваат за мигрирање во поразвиените земји.

Она што е поважно за оваа тема е дека одливот на мозоци или одлив на човечки капитал упатува на феноменот на емиграција на високо квалификувани или добро образовани лица. Вака дефиниран, одливот на мозоци може да биде набљудуван од аспект на држава од која се иселуваат (brain drain), и држава во која се доселуваат ваквите индивидуи (brain gain). Како и за останатите видови миграции, за најважен фактор кој го предизвикува одливот на квалификуваните луѓе се смета социјално-економското окружување. Земјите соочени со brain drain проблемот најчесто се земји кој не нудат голем број можности, соочени се со политичка нестабилност, низок економски развој, често слаба социјална заштита, висока невработеност или несоодветно вработување во однос на образованието. Како фактори кои го спречуваат одливот на мозоци може да се спомнат влијанието на семејството, стекнатите пријателства, веќе стекнатиот статус во местото на живеење, припаѓањето на сопствената култура.

За разлика од оние држави од кои ваквите млади и високо образовани лица се иселуваат, државите кои нив ги привлекуваат се карактеризираат со големи можности за вработување, поквалитетно образование, политичка стабилност и гарантирање на човековите слободи, развиена економија, здравствена заштита, вреднување на вложениот труд и така натаму.

Одливот на млади квалификувани лица носи долгорочни негативни реперкусии врз националната економија која се соочува со овој горлив проблем. Дел од нив се: егзодусот на вештини и знаење, недостиг на квалификуван кадар од областа на образованието, недостиг на квалитетен кадар од областа на медицината и останатите сектори, мал број иновации, инвестирањето на државата во образованието станува залудно, , изгубена е можноста на државата да прибира даноци од потенцијалните заработки на квалификуваниот кадар.

Иако за момент звучи чудно, од одливот на мозоци една земја може да ужива и одредени бенефиции: прилив на дознаки, процентуално намалување на невработеноста кај младите, а со тоа и олеснување на социјалните трансфери на државата, инспирирање на младите од успешни приказни на иселениците, пробивање на домашните компании на странските пазари, враќање на доквалификувани луѓе со стекнати поголеми вештини и искуство кои учествуваат во развој на матичната земја, поврзување идеи и ставови од целиот свет и слично.

Каде е Македонија во оваа приказна? Македонија е пласирана дури на 133 место по одливот на мозоци, односно по процентот на заминување на студенти и високообразувани кадри во странство во Извештајот за компетитивност на Светскиот економски форум (WEF). Повеќе од половина од младите во Македонија сакаат да заминат во странство, а дури една третина од нив воопшто и не помислуваат некогаш да се вратат дома. Загрижувачки е што дури 67% од испитаниците во анкетите се жалат на финансиски проблеми и не веруваат дека по образованието ќе најдат работа. Тие што се активни наместо да се поддржат, прифатат и охрабрат, се репресираат и се предизвикува уште поголема автоцензура. Затоа имаме одлив не само на млади и едуцирани луѓе туку и на општествено ангажирани луѓе кои не се дел од автоцензурата која што постои во Македонија. Најзагрижувачки е фактот што освен декларативно не се прави ништо за спречување на големиот одлив на најквалитетните кадри. Светска банка уште во 2010 година објави дека 447,000 луѓе се отселени од Македонија што ни е четвртина од населението. Од нив 30% се високо образовани луѓе. Податоците од 2015 велат дека од Македонија се отселени 516,000. Дел од овие луѓе се најамбициозните, интелектуалци кои се перфекционисти, кои се гушат во средина каде се непризнати, каде не можат да добијат работа за своите вештини – туку мора да се потчинат на некои политички или државни апарати и да одработуваат за нив. Поради немањето попис, не располагаме со домашни податоци на кои што можеме да се повикаме, а апсурдно е и што Македонија која сега се справува со бранот бегалци и економски мигранти и самата е една од земјите чии граѓани бараат азил во ЕУ.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде