Анкета: Кои се идните планови на македонските студенти?

0
1086

На „клупите“ на Економскиот факултет во Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, поточно на предавањата по предметот од областа на применетата економија, Економска статистика, јас како автор на овој труд, заедно со моите ценети колеги, добивме идеја да спроведеме емпириско истражување и анализа за идните планови на студентите во Република Македонија и нивните колеги кои што актуелно студираат на странските универзитети во регионот или било каде во остатокот од светот.
Целта на истражувањето беше да се оценат аспирациите на студентите за блиската иднина, т.е. да се предвидат нивните планови за периодот по дипломирање во академската 2019/2020 година, односно дали тие планираат да останат во Република Македонија и да творат или да ја продолжат својата професионална едукација на македонските универзитети, или пак ќе продолжат да ги извршуваат своите професионални активности во македонската економија, или, сепак, во крајна инстанца, тие ќе одлучат да заминат на професионално академско доусовршување на странските универзитети во регионот или останатите делови од светот, односно да ги извршуваат своите професионални активности во некој друг економски систем во светот. Независно која опција ќе доминира, тие заклучоци се обидовме да ги фундираме и објасниме преку факторите кои сметавме дека се релевантни и популарни за одвлекување на одлуките на дипломираните студенти по едниот „национален“ или другиот „меѓународен“ пат.
Анкетниот прашалник кој беше спроведен на примерок од 276 испитаници кои се македонски студенти на државните и приватните македонски универзитети, универзитетите од регионот или странските универзитети, по неговата внимателна конструкција, беше пуштен во оптек за пополнување до испитаниците по електронски пат на 18 март и неговото пополнување траеше 22 март 2020 година.
Дилемите кои се обидовме да ги истражиме, да ги анализираме и да ги разрешиме, можеме на ова место накусо да ги презентираме поегзактно:
Продолжување на академското доусовршување (во Република Македонија или странство);
• Вработување по дипломирање (во Република Македонија или странство);
• Оценка на пресудните фактори кои се водилка за формирање на одлуките на студентите:
a) Квалитетот на животен стандард во Република Македонија;
б) Политичката состојба во Република Македонија;
в) Висината на платите во Република Македонија;
г) Загадувањето на воздухот во Република Македонија;
д) Квалитетот на здравствениот систем во Република Македонија;
ѓ) Квалитетот на институционалната структура во Република Македонија;
е) Семејните релации на студентите;
ж) Квалитетот на образовниот систем во Република Македонија;
з) Инфраструктурниот капитал на Република Македонија;
ѕ) Можностите за личен развој и напредок во кариерата.

Резултати од истражувањето

Како што веќе потенциравме, истражувањето се заснова на примерок од 276 студенти, испитаници, кои според податоците добиени од анкетата, се движат на возраст од 18-30 години.
Во добиената дистрибуција на фреквенциите која не следи нормален распоред, може да се воочи дека 80 студенти кои одговориле на анкетата се на дваесет годишна возраст, 73 се на возраст од дваесет и една година и 71 студент се на возраст од дваесет и две годишна возраст.

Графикон бр. 1: Распоред на возраста на испитаниците (студенти)

Учеството во половата структура од графиконот бр.2 ни укажува дека од вкупните 276 испитаници, во одговорите на анкетата доминираат студентките со 61,2% (вкупно 169 студентки), а студентите од посилниот пол учествуваат со 38,8% (вкупно 108 машки студенти) учествувале во анкетата.

Графикон бр. 2: Полова структура на испитаниците (студенти)

Во контекст на местото од кое потекнуваат, како учесници во одговорите доминираат студентите од градот Скопје со вкупно 167 испитаници, додека пак во анкетата по еден претставник учествувал од градовите Крива Паланка, Неготино, Виница, Штип, Гостивар, Пробиштип, Валандово, Струмица, Кочани, Богданци, Делчево, Велес, Париз и Љубљана.

Како што веќе споменавме, истражувањето ги опфаќа студентите од сите универзитети во Република Македонија, вклучувајќи ги и некои студенти од универзитетите во регионот и остатокот од светот. Па, во таа насока, од следниот графикон, можеме да воочиме дека во структурата на факултети од кои доаѓаат студентите како нивни репрезенти, сепак, доминира Економскиот факултет во Скопје со 38% т.е. вкупно 108 студенти. Веднаш зад него, следуваат 47 студенти (17%) од Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а на третото место се позиционирани студентите од Машинскиот факултет во Скопје кои учествуваат со 8,3% т.е. вкупно 23 студенти.

Графикон бр. 3: Структура на студенти на македонските факултети учесници во истражувањето

Годината на студирање, како белег на примерокот, се движи од првата година па се до шестата година на додипломските студии. Имено, карактеристично е дека студентските програми на факултетите од општествените науки, па дури и некои од техничките факултети содржат три годишни програми (иако повеќето универзитетски единици содржат четиригодишни програми), но, има и факултети, како медицинските науки, чии програми се структурирани со шестгодишни академски години. Во таа насока, најбројни учесници во анкетата беа студентите од четвртата академска година (се претпоставува дека најмногу од нив се апсолвенти) со 34,1% (вкупно 94 испитаници) учество во вкупната структура, веднаш зад нив со еден процент помалку т.е. 33% (вкупно 91 испитаник) учествуваат студенти од втора студиска година, и на третото место се наоѓаат студентите од трета студиска година со учество од 26,1% (вкупно 72 испитаника). Релативно, со 6,5% (вкупно 18 испитаника) учествувале студентите од првата студиска година, а само 0,4% (вкупно 1 студент) учествувал во анкетата од прва студиска година. Бидејќи во анкетата доминирале апсолвентите т.е. студентите од четвртата студиска година (кои се всушност таргет на нашето истражување), академски период во кој се одвиваат студиските програми на додипломските студии на Економскиот факултет во Скопје и ФИНКИ, сметаме дека нивните одговори се од голема полза во донесувањето на заклучоците за нивните идни планови.

Графикон бр. 4: Структура на студентите припадници на студиските години

Оценка на факторите

Пред да ги конструираме конечните заклучоци, накусо ќе ги погледнеме и резултатите од клучните фактори кои de facto беа предмет за оценка во оваа анкета и кои што се пресудни за оформување на идните планови на студентите.

Имено, нивото на животниот стандард во Република Македонија е многу значаен и силно влијае за дефинирањето на идните планови на студентите, т.е. попрецизно, тој е многу значаен за 57,2% од испитаниците (вкупно 158 студенти), додека пак за двајца од испитаниците (0,7%) тој не е од пресудно значење за формирањето на нивните идни планови.

Графикон бр. 5 : Прв фактор: Животниот стандард во Република Македонија

Политичката клима во Република Македонија, која е вториот фактор предмет на интерес на нашето истражување, е многу сигнификантна детерминанта и силно влијае на 31,9% од испитаниците (вкупно 88 студенти) во насока на трасирањето на нивните идни планови, додека пак за 9,8% од испитаниците (вкупно 27 студенти) таа нема никакво влијание за нивните идни одлуки.

Графикон бр. 6: Втор фактор: Политичката клима во Република Македонија

Кога сме кај (според нас – истражувачите) најинтересниот фактор за конструирање на идните планови на студентите, висината на платите во Република Македонија, оваа детерминанта е од најголемо значење и силно влијае за формирањето на идните планови на 59,4% од испитаниците (вкупно 164 студенти), додека пак, таа нема никаков импакт за 2,9% од испитаниците (вкупно 8 студенти) во оформувањето на нивната идна професионална кариера.

Графикон бр. 7:  Трет фактор: Висината на платите во Република Македонија

Четвртиот фактор, загадувањето на воздухот, кој воедно е децениски фундаментален проблем во македонското општество и причина за емигрирањето на голем број македонци од државата (посебно за младите академски интелектуалци и млади брачни парови), претставува многу значајна детерминанта која силно влијае врз конструкцијата на идните планови на 41,7% од испитаниците (вкупно 115 студенти), додека пак за 4,3% од испитаниците (вкупно 12 студенти) таа нема никакво влијание за нивните одлуки за професионалната иднина.

Графикон бр. 8: Четврт фактор: Загадување на воздухот во Република Македонија

Петтиот фактор, квалитетот на здравствениот систем на Република Македонија, кој претставува уште еден „горлив проблем“ во македонската економија, е од пресудно значење и влијае за донесувањето на одлуките за идните планови на 51,8% од испитаниците (вкупно 143 студенти), додека пак оваа детерминанта нема никакво влијание за 3,6% од испитаниците (вкупно 10 студенти).

Графикон бр. 9: Петти фактор: Квалитет на здравствениот систем во Република Македонија

Квалитетот на институционалната инфраструктура на македонската економија, како шести фактор во истражувањето, претставува многу значаен фактор со силно влијание во конструирањето на идните планови на студентите за 47,8% од испитаниците (вкупно 132 студенти), додека пак, оваа детерминанта не е од никакво значење и нема влијание во формирањето на идните планови на 3,6% од испитаниците (вкупно 10 студенти).

Графикон бр. 10: Шести фактор: Квалитетот на институционалната инфраструктура на Република Македонија

Осврнувајќи се на емоционалните аспекти, од шестиот фактор кој е предмет на нашето истражување, интересно, може да се забележи дека семејните релации на студентите имаат просечно и не многу силно влијание врз одлуките за идните планови на студентите т.е. најголемиот процент од испитаниците 28,3% (вкупно 78 студенти) го оцениле овој фактор со средна оценка „3“ од ординалната скала која се движи во интервал од 1 до 5.

Графикон бр. 11: Седми фактор: Семејните релации на студентите во Република Македонија

Квалитетот на образовниот систем на Република Македонија, како седми фактор во целата плејада на фактори, кој воедно е уште еден „горлив проблем“ и круцијална детерминанта во формирањето на потенцијалниот човеков капитал како дел од капиталната инфраструктура на македонската економија, претставува третиот по значајност фактор (веднаш по можностите за личен развој и напредок во кариерата) за трасирање на одлуките за идните планови на студентите т.е. поточно, за 52,5% од испитаниците (вкупно 145 студенти) тој е од исклучително значење и извршува многу силно влијание за иднината на новодипломираните студенти, додека пак за 0,7% (вкупно двајца студенти) овој фактор нема никакво влијание за нивните одлуки за продолжување на професионалната кариера во иднина.

Графикон бр. 12: Осми фактор: Квалитетот на образовниот систем на Република Македонија

Претпоследниот опсервиран фактор, инфраструктурниот капитал на Република Македонија, претставува прилично сигнификантна детерминанта за образување на идните планови на студентите, па во таа насока, таа, за 30,8% од испитаниците (вкупно 85 студенти) има многу силно влијание врз нивните одлуки, за 29,7% од испитаниците (вкупно 82 студенти) таа има силно влијание, а за 27,2% од испитаниците (вкупно 75 студенти) има просечно влијание во формирањето на нивните одлуки за идните професионални планови. За 1,4% (вкупно 4 студенти) таа нема никакво влијание во обликувањето на нивните идни професионални планови.

Графикон бр. 13: Деветти фактор: Инфраструктурен капитал на Република Македонија

И, на крај, вториот по значајност фактор за трасирање на одлуките за професионалната иднина на студентите, можностите за личен развој и напредок во кариерата, извршува многу силен импакт на 59,1% од испитаниците (вкупно 163 студенти) за донесувањето на решенија за професионалната кариера на младите студенти, додека, пак, за 1,1% од испитаниците (вкупно тројца студенти) оваа детерминанта нема никакво значење за нивните идни одлуки за професионален развој во иднина.

Графикон бр. 14: Десетти фактор: Можности за личен развој и напредок во кариерата

Врз основа на реализираната анкета, која се темели на десетте фактори кои ги сметавме како најрелевантни за поплочување на патот за донесување на солидни одлуки за идните професионални активности од страна на македонските студенти кои студираат на македонските универзитети и универзитетите во регионот вклучувајќи ги и македонските студенти кои студираат и на странските универзитети во остатокот од светот, на ова место, накусо, ќе конструираме неколку важни емпириски постулати кои се темелат на ставовите на студентите за нивните аспирации по дипломирањето на првиот циклус на додипломски студии.

  • Имено, анализирајќи ги оценките добиени од детерминантите, можеме да ги потврдиме хипотезите кои кружеа во јавното мнение дека висината на платата е најкруцијален фактор за втемелување на одлуките за идните планови на актуелните македонски студенти.
  • Втор фундаментален фактор, веднаш по висината на платите, се позиционира можностите за личен развој и напредок во кариерата како детерминанта која е од големо значење и со силен импакт во дефинирањето на идните планови на македонските студенти.
  • Како трет фактор, кој несомнено е од витално значење за обликување на идните планови за професионални активности на македонските студенти е позициониран квалитетот на животот т.е. животниот стандард кој со своето многу силно влијание и големиот товар на значајност што го носи со себе, ќе ги одвлече македонските студенти по „националниот“ или „меѓународниот“ пат во извршувањето на своите професионални активности.
  • Четвртиот фактор, кој има силен импакт и значење врз идните планови на студентите е квалитетот на здравствениот систем во Република Македонија, детерминанта која што е исто така со витално значење за животот на македонските студенти.
  • Петтиот фактор во оваа низа на приоритети, квалитетот на образовниот систем во Република Македонија, е од големо едукативно значење и ќе има силен импакт врз идното професионално и културно развивање на македонските студенти.
  • Шестиот рангиран фактор по важност е квалитетот на институционалната инфраструктура на македонската економија, која претставува основа за претходните рангирани детерминанти и која ќе има голем импакт врз динамиката на професионалните и личните активности на македонските студенти во иднина.
  • Следејќи ја ординалната скала на значајноста на факторите, на седмата позиција го поставуваме загадувањето на воздухот, која е исто така детерминанта од витално значење за личниот опстанок и професионален развој на македонските студенти во иднина.
  • Осмата позиција, како битен фактор од просечно значење за дефинирање на идните планови на македонските студенти, ја држи инфраструктурниот капитал на македонската економија, детерминанта која повторно е основа за професионалниот развој на македонските студенти во нивната понатамошна кариера.
  • На деветтата позиција, како битен фактор за трасирањето на идните планови на македонските студенти ја поставуваме политичката состојба во Република Македонија, која, според добиените оценки, не е од некое големо пресудно значење за идните одлуки на македонските студенти.
  • На крај, на последното десетто место од ординалната скала, како можеби најмалку значаен фактор кој би имал послаб импакт врз фундирањето на идните планови на македонските студенти во својата професионална кариера, ги позиционираме семејните релации на македонските студенти. Накусо, од позицијата на ординалната скала на оваа детерминанта, би заклучиле дека студентите во Република Македонија се можеби повеќе самостојни и поодлучни за трасирање на сопствениот личен професионален развоен пат во македонската економија или во меѓународни рамки.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде