Како до развој на Југозападниот плански регион?

0
708

Човечките активности, а со тоа и економските се создаваат и се одвиваат на определен простор, на определено место, а потоа се шират и надвор од тоа место, во поблиското и подалечното окружување. Многубројните врски и интеракции помеѓу овие определени простори ја компликуваат задачата на креаторите на економската политика за најрационална алокација на суровините, енергијата, работната сила и останатите ресурси, заради што се јавува потреба од изработка на стратешки документи за планирање на развојот, меѓу кои позначајни се Стратегијата за регионален развој на Република Македонија, која претставува еден од главните стратешки документи за планирање на развојот, Националниот развоен план и Просторниот план на Република Македонија, како и Програми за развој на посебните плански региони во рамките на државата. Југозападниот плански регион е еден од осумте плански региони во Република Македонија, кои се совпаѓаат со статистичките региони определени со номенклатурата на територијални единици за статистика, а со цел да се обезбеди статистичка основа за планирањето на нивниот развој. Останатите плански региони во Република Македонија се 1) Вардарски, 2) Источен, 3) Југоисточен, 4) Пелагониски, 5) Полошки, 6) Североисточен и 7) Скопски плански регион.

Динамичниот развој на економиите, испреплетеноста на врските помеѓу економските субјекти, губењето на независноста и уште повеќе – самодоволноста на економските единици, ја потенцира потребата од иницирање, насочување и планирање на економскиот развој. Ова се однесува како и на микроекономско ниво – случајот на поединечните претпријатија, така и на макроекономско ниво – насочување на развојот на целокупната економија.

Факт е дека некоординираниот и неусогласениот развој може да доведе до моноцентричност и запоставување на развојот на периферните региони, што е причина за изработка на национални стратегии за рамномерен регионален развој, но и поединечни програми за развој на посебните плански региони кои секако, треба да бидат во согласност со приоритетите на националната економска политика и визија. Во овој труд беше обработена токму таква програма која се однесува на развојот на Југозападниот плански регион. Во интерес на благосостојбата на граѓаните, успешниот регионален развој се остварува преку искористување на конкурентските предности кои ги нуди регионот, оптимална алокација на скудните ресурси, поддршка и поттик на претприемничкиот дух и развој на бизнис климата, усогласување на образовниот систем со потребите на пазарот на труд, заштита на животната средина, социјална кохезија итн.

Југозападниот регион изобилува со природни богатства и богато културно и историско наследство, за што впрочем зборува и приматот што овој регион го завзема по број на домашни и странски туристи во државата. Од посебен интерес за развојот на Југозападниот регион се дејностите поврзани со туризмот и угостителството. Југозападниот плански регион е прв на територијата на Република Македонија по туристичка развиеност и тоа по скоро сите параметри. Ова не е тешко да се разбере, ако се знае дека Југозападниот плански регион се карактеризира со прекрасна природа која подлежи на различна заштита. Во рамките на Југозападниот регион припаѓаат: Охридското езеро како заштитена зона, повеќе историски локалитети, Националниот парк Галичица, но и новопредложените подрачја со висок степен на природна вредност на планината Јабланица како што се Вевчанските Извори, Питом Костен – Горна Белица, Ела – Вевчани, Дреначка Река, Луково итн . Охридското Езеро заедно со НП Галичица прават природна целина која е поврзана со културното, историското и природното наследство. Охридското Езеро има голема вредност и од аспект на заштита на биолошката разновидност, геоморфолошка, природна и хидролошка вредност. Ова подрачје ги вклучува и Студенчишкото блато кај Охрид и остатоците од Струшкото блато помеѓу с. Калишта, с. Радолишта и Струга. Според Националниот регистар на културно наследство, во Југозападниот регион се регистрирани повеќе од 350 културно-историски знаменитости. Градот Охрид со својата природна реткост и културно богатство е заштитен од УНЕСКО. На регионот силен подем му даваат и манифестациите од интернационален и национален карактер: Струшки вечери на поезијата, Охридско лето, Балканскиот фестивал на народни песни и игри, Прличеви беседи, Велестовски поетски вечери, Струшка музичка есен, Ревизија на народни носии – Струга, Вевчански карневал, Денови на културата – Дебар, Денови на театарот – Дебар, Подгоречки Гоцеви денови, Ликовни колонии во Дебар, Кичево и Вевчани и други.

Југозападниот плански регион е прв според бројноста на туристи кои го посетиле регионот, а на второ место е Скопскиот регион. Останатите региони имаат многу помало учество во вкупната посетеност на туристи во Република Македонија. Карактеристично е што најголема посетеност на туристи има во летните месеци, со тоа што во Југозападниот регион разликата е највоочлива. Таму, бројот на туристи во месеците јули и август достигнува речиси 90,000, а во останатите годишни сезони бројката се движи во интервал од 10,000-20,000. Исклучок е Скопскиот регион, каде разликите во посетеноста не се толку изразени во различните сезони, па така во текот на целата година бројот на туристи се движи во интервал од 20,000-30,000, а во лето бројот на туристи се искачува на 40,000.

Меѓутоа, проблемот се јавува во ефикасното искористување на ваквите поволности, заинтересираноста, мотивот и монталниот склоп на населението, корумпираноста на институциите и креаторите на политиките, а клучна улога во сето ова има и неискористувањето на расположливите финансиски средства за имплементација на проектите предвидени во Програмата и Стратегијата за регионален развој на Република Македонија. Иако во поново време доминира наменската распределба на финансиските средства, односно тие се доделуваат за конкретни проекти, а не на буџетски корисници како заокружена цифра, сепак, реализацијата тапка во место. Причините се многубројни, а како најзначајни можат да се наведат ниската стапка на искористеност на средствата расположливи од домашни и странски извори кои стојат на располагање, додека лошите оценки на меѓународната јавност во поглед на корумпираноста даваат до знаење за можеби и најважниот блокатор на развојот на националната економија.

Ако во низа истражувања е веќе потврден загрижувачкиот факт дека од земјите во регионот нашата држава се карактеризира со негативни мултипликатори на јавните расходи, прашање е дали до поволен економски раст и развој може да се дојде преку директно влијание на државата врз економските текови. Мултипликативните ефекти на јавните расходи се генерално ниски, па се поставува прашањето дали воопшто може да се зборува за некакво стимулативно дејство на фискалната политика врз економската активност.

Иако погоре наведеното не ја исклучува потребата од економско планирање и насочување на развојот на регионите, важно е да се има на ум дека до поголем економски раст е поверојатно да се дојде преку „софт – мерките“, односно обидите да се стесне обрачот и можностите за корупција во институционалниот систем, овозможување поволна бизнис клима, поволен однос кон домашните и странските инвеститори, унапредување на подлогата за развој на иноваторството и претприемништвото, подобрување на образованието и продукција на врвен и висококвалификуван кадар кој ќе биде мотор на растот и развојот на националната економија.

За крај, внимателно избраните проекти кои го докажале позитивното влијание во рамките на регионите и економиите на државите во регионот и пошироко, треба да се прифатат како корисни но, се разбира, модифицирани и усогласени со потребите на конкретната економска реалност во моментот на нивната имплементација. Југозападниот плански регион, со сите свои можности и предности, но и ризици и слабости, може и треба да се претвори во регион кој ќе се карактеризира со одржлив развој, ќе ја гарантира економската сигурност, ќе гарантира безбедност, социјалната и здравствената заштита, ќе се почитува и ќе се заштитува животната средина, а со тоа Југозападниот плански регион да стане регион на висока благосостојба.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде