Како еден град да стане атрактивен за посетителите?

0
308

Во претходната статија (ТУРИЗМОТ И НЕГОВОТО РАСТЕЧКО ЕКОНОМСКО ЗНАЧЕЊЕ) беше наведено дека туризмот е растечки економски сектор кој е исклучително важен за многу држави и е сектор со голем потенцијал во Македонија. Но за да се привлечат туристи, конкретно во градовите, е потребно тие да бидат атрактивни. Што би било тоа што ги прави градовите атрактивни за туристи од други држави и луѓе од другите градови од државата? Еве листа од неколку работи кои треба да се земат во предвид:

  • Добрите градови немаат премногу ред, но не се ни премногу хаотични во нивниот дизајн, за што е особено важен соодветен урбан развој (“variety in order”). Правилниот развој може да го направи градот привлечен и функционален. Премногу хаос прави луѓето да чуствуваат страв, особено странските туристи, кои може да претпостават дека во тоа место нема ред и дека “секој прави што сака”. Од друга страна пак, на пример ако сите куќи или згради изгледаат исто и секоја улица и област изгледа исто или слично води кон здодевност и никој нема желба тоа да го види.
  • Во атрактивните градови улиците се полни со живот. Ова прави луѓето да се чуствуваат поврзани со локалните жители. Голема грешка е да се разделуваат туристите и локалците, што често се случува кога во некое место постојано ќе се зголемува бројот на туристи. Потребно е тие да комуницираат и да се спријателуваат, што е многу потешко кога на улиците има само затворени високи објекти опкружени со брзи патишта. Можеби во тие објекти многу луѓе работат креативни нешта, но тоа е надвор од видикот на посетителот.
  • Градовите (особено помалите) треба да се компактни, за што особено значење повторно има урбаното планирање и развој. Градовите не треба да се дизајнираат со долги улици каде луѓето се многу оддалечени едни од други, бидејќи тоа го намалува чуството на припадност на заедницата и се намалува комуникацијата меѓу луѓето од истото место. Паралелно со тоа, позитивен импакт имаат и јавните места како што се парковите, плоштадите и слично.
  • Ориентиација и мистерија. Модерните урбани планови често ги запоставуваат кратките тесни улици на сметна на широките улици и оддалечените куќи и згради. Постои некое чуство на мистерија кај оние тесни сокаци каде локалците живеат едни до други, а балконите на 2 спротивни куќи се оддалечени само неколку метри. Затоа, секој поголем град треба да ги има и двете страни: широки патишта со високи облакодери, но и многубројни тесни улици каде постои многу повеќе секојдневна интеракција.
  • Локална уникатност. Некои работи едноставно не може да се уникатни. Не може да очекуваме да постои уникатен Венецуелски телефон, или Исландски велосипед, но пожелно е објектите да не изгледаат исто насекаде (изградени со исти материјали, ист дизајн…), туку да бидат одлика на местото каде се наоѓаат и на тие општества. Тоа не е само поради нашата желба за разноликост, туку и навистина општествата поради различните историски околности, климатски услови и слично, имаат различни искуства, различни потреби, различни предности и слабости, различности во начинот на живеење во заедниците итн.

Иако не можеме со сигурност да кажеме што точно значи еден град да е атрактивен, бидејќи убавината е доста субјективна, сепак има места за кои што сите ние би рекле дека се грди.

Доколку статијата ви се допадна, погледнете подетално во ова видео.

Доколку го погледнеме нашиот главен град Скопје од оваа перспектива, можеме да кажеме е потребен многу подобар урбан развој. Постои поголема хаотичност отколку ред. Можеби потребни се и повеќе јавни места, како на пример паркови. Сепак треба да се напомене дека градот има некоја своја историска локална уникатност, како всушност и многу други градови од Македонија што можат да им понудат на посетителите кои можат да дознаат многу нови работи и да добијат уникатни искуства.

Кој град од Македонија најдобро ги исполнува наведените услови и може да се класифицира како најатрактивен град во државата?

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде