Како САД се справува со новата економска криза?

0
5572

Новиот коронавирус, КОВИД-19, го потресе целиот свет. Секако, засега врвниот приоритет на земјите ширум светот е да ги минимизираат шансите за ширење на вирусот, со цел да има што помалку заболени и починати, и со цел што помалку да се оптерети здравствениот систем. Сепак, мерките за самоизолација значеа затварање или ограничување на работата на многу компании. Во моментов, целокупната светска економија е парализирана. Ова, нормално, ќе значи тешка глобална економска рецесија, чии последици веќе може да се почувствуваат. Заради ова, земјите ширум светот започнаа со спроведување на најразлични економски мерки насочени кон одржување на фирмите и вработеноста и стимулирање на економската активност.

Во оваа статија, ќе анализираме што се случува со американската економија, и кои се мерките за спас на економската активност кои ги предлага администрацијата на претседателот Трамп. Во земјата, според последните информации, има повеќе од 140,000 заболени со коронавирусот, со над 2,400 мртви. Поради ова, во САД беа донесени мерки кои бараа социјална изолација. Како и кај нас, кафулиња, барови и ресторани беа затворени, трговските центри ставија катанец, а Белата Куќа издаде препорака фирмите да се воздржат од секакви “несуштински” активности, и да се обидат да ја префрлат работата онлајн.

Сето ова, секако, имаше катастрофални последици во економијата. Само минатата недела, 3.3 милиони работници поднеле барање за да добијат бенефиции за неврботеност. Овој раст на невработеноста, на неделно ниво, е најлошиот во историјата на САД, и е речиси 5 пати поголем раст на невработеноста од претходниот “рекорд” во 1982 година. Многу економисти се сериозно загрижени дека ова е само почетокот на една од најсериозните рецесии во светската историја. Според некои проценки, бројот на невработени до средината на април би можел да достигне и над 40 милиони.

Претседателот Трамп, свесен за ваквите последици, првично инсистираше мерките за претпазливост да запрат на 12 Април, односно на грегоријанскиот Велигден, со цел бизнисите да можат повторно да почнат да работат. Сепак, по консултациите со здравствените експерти, ова се утврдило како невозможно и мерките се продолжени до крајот на април, со најава дека најверојатно ќе останат на сила и до јуни. И покрај ова, опстојуваат надежите дека ќе се работи за кратка криза која ќе трае само неколку месеци, и дека штом коронавирусот ослабне, фирмите ќе се отворат и економијата брзо ќе се опорави.

Надевајќи се на ваквата најдобра алтернатива, американската администрација не е насочена кон долгорочни мерки, туку кон моментални стимули на економијата преку масовни финансиски инјекции во стопанството. Минатиот петок, односно на 27 март, пакетот мерки на претседателот Трамп се најде за последен пат пред Конгресот, каде што помина со големи потешкотии поради судирот помеѓу Републиканците и Демократите. Сепак, на крајот дојде до договор, и пакетот мерки беше изгласан со бипартиска поддршка, со што официјално стапи на сила. Се работи за највисокиот пакет за економска помош што било кога бил донесен во САД, со вкупна вредност од 2 трилиони долари.

Што спаѓа во овие 2 трилиони долари помош? Најголемата мерка е директната финансиска помош која државата ќе ја подели на домаќинствата ширум САД. Имено, оние индивидуи со годишни примања под 75,000$, ќе добијат чек од 1,200$ по човек. Со растот на годишниот бруто приход, овој додаток се намалува, а оние кои имаат приходи над 99,000$, воопшто нема да добијат ништо. Брачните парови ќе добијат чек од 2,400$, доколку нивниот заеднички приход е до 150,000$ годишно, и дополнителни 500 долари за секое дете што го имаат до 18 годишна возраст. Се смета дека ваква помош ќе добијат повеќе од 150 милиони домаќинства ширум САД. Дополнително, со овој пакет, трошоците за тестирања за коронавирусот целосно ќе ги покрива државата, дури и за оние кои немаат здравствено осигурување.

Вкупно 25 милијарди долари ќе им бидат дадени на авио-превозниците како грантови, а дополнителни 25 милијарди долари ќе им бидат понудени како заеми. 17 милијарди долари се планирани да се доделат на индустрии кои се “критични за националната безбедност на САД”. Во оваа категорија спаѓа и компанијата Боинг. Предвидено е и зголемување на бенефициите за невработени, главно преку повеќе бонови за исхрана и здравствено осигурување преку Medicaid, за што се одвоени вкупни средства од 250 милијарди долари. Ова веројатно ќе биде тежок логистички предизвик поради потребната координација меѓу федеративната и државната власт. За помош на најтешко погодените болници, исто така се предвидени повеќе милијарди долари.

За другите бизниси, но и за оние градови или држави кои би биле потешко погодени од кризата, се одвоени над 400 милијарди долари, кои главно би се делеле преку заеми. Услов да се добијат овие заеми е фирмата да не избрка повеќе од 10% од своите работници до 30ти септември оваа година. Исто така, оние компании кои ќе ги добијат овие заеми имаат одредени ограничувања за тоа колку смеат да трошат на нивните менаџери, како и забрана да вршат реоткуп на сопствените акции. Постои и дополнителна забрана со која членовите на Конгресот, како и Претседателот и членовите на неговиот Кабинет не смеат да користат ништо од оваа помош за себе, своите фамилии, или своите фирми.

Со новиот закон, власта во САД ќе биде контролирана како, и на што ги троши средствата од овој пакет за помош. Претседателот Трамп е обврзан да постави нов “специјален генерален инспектор за заздравување од пандемијата”, кој ќе мора да го потврди Сенатот. Голем дел од судирите помеѓу Републиканците и Демократите пред носењето на законот беа всушност околу оваа позиција, односно околу тоа на кого ќе треба овој инспектор да репортира: на претседателот, или на Конгресот; и тоа прашање се уште останува нерешено. Активностите на Конгресот во дистрибуирањето на парите исто така ќе биде надгледувани од новосоздадена петчлена комисија.

Интересно е да се види како САД, егземпларот на моќта на слободниот пазар и негов главен пропагатор ширум државите во светот, веднаш прибегнува кон силен државен интервенционизам при појавата на депресија, и покрај широко присутното идеолошко противење кон истиот. Засега се работи за краткорочни мерки, кои теоретски се доста издржани, иако забележително ќе го зголемат нивниот државен долг и носат ризик од подгреана инфлација. Сепак, доколку кризата продолжи, за што постои солидна веројатност, овие мерки сигурно ќе мора да бидат дополнети со нови.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде