Мигрантска криза – Предизвик или проблем на ЕУ?

0
1147

Европа и мигрантите

Европа е континент кој од секогаш се соочувал со процеси на миграција, и ќе продолжи во таа насока без разлика дали луѓето го сакаат тоа или не. Во последниве 2 години Европа се соочува со најголеми мигрантски движења после втората светска војна, мигрантите доаѓаат во Европа дел затоа што се сиромашни или дискриминирани додека најголем дел се во животна опасност. Воениот конфликт во Сирија, насилствата во Ирак и Авганистан кои во континуитет траат веќе подолго време ги принудуваат луѓето да ги напуштат своите домови и да тргнат по подобро утре, и како рационално решение тие ја избираат Европа како  континент со високо развиена економија  и социјална политика. Околу 65 милиони луѓе се приморани да ги напуштат своите домови, 1.8 милиони луѓе побарале азил во европските држави, а според извештајот на Frontex 3770 лица ги загубиле своите животи при обидите да го преминат медитеранот.

Проблемите кои ги носат големите миграциони бранови ја подигнаа свеста меѓу земјите членки на унијата за поделба на одговорноста во справувањето со последиците кои ги носаат масовните миграци, и претворање на овие проблеми во  можности кои би биле во корист на економскиот развој на унијата. Мигрантите доколку се примаат синхронизирано и контролирано, тие дури на долг рок би биле добри за Европа. Според зборовите на претседателот на Европската Комисија:” Во справувањето со бегалската криза започна да излегува на површина солидарноста. Јас сум убеден дека многу повеќе солидарност е потребна. Но исто така знам дека солидарноста мора да биде дадена доброволно, таа мора да биде дадена од срце, не може да се изнуди”.

Феноменот наречен миграција не е нов, но сегашнниот миграциски бран  кој доаѓа од Африка и Средниот Исток претставува загрижувачки аларм. Во 2013 година бројката на азиланти била 540 000, во 2014 година се искачи на 911 000 за во 2015 година достигне бројка од 1.5 милиони азиланти. Европската унија се соочи со голема бројка на луѓе, кои се со единствена цел, по секоја цена да влезат во Унијата а кои тешко може да се менаџираат.

Аномалиите и позитивните ефекти од последната мигрантска криза

Како што мигрантскиот бран се зголемуваше, сведоци бевме на одреден степен на несинхронизираност  во спроведувањето на мигрантските политики меѓу земјите членки. Ваквите акции на одредени земји, на површина донесоа едно за момент ново лице на Европа. За момент некои од земјите членки го  покажаа едностраниот однос кон унијата, покажаа неспремност и недостаток на желба да одговорат согласно  заеднички поставените принципи, што е и суштина на постоењето на унијата, во време кога унијата се соочува со најголемиот предизвик во нејзиното постоење. Разните протекционистички мерки кои ги презедоа дел од земјите членки на унијата, во голем дел се и предизвикани од непознавањето на профилот на мигрантите, нивните карактеристики и особини. Иако поголемиот дел од нив придонесуваат позитивно, а особено имаат позитивни економски ефекти, за кои ќе стане збор подолу во текстов, тие неретко се претставени и во негативните статистики.

Миграцијата е процес кој ќе остави трајни белези врз општествената структура на Европа. Имигрантите го вознемируваат социјалниот баланс на нацијата, носејќи култури и религии што се фундаментално некомпатибилни со тие на нацијата-домаќин. Стереотипите се изразени, особено за луѓе кои потекнуваат од друг континент, кои со себе носат различни културни особини. Имигрантите и нивното потекло претставуваат закана за безбедноста. Неспоро е дека исламскиот тероризам ја влоши ситуацијата. Но вината не е во имигрантите, туку во насилните идеологии на некоја мала малцинска група, која водена од своите цели, секогаш ќе претставува терористичка закана.

Националните влади започнаа да ставаат сѐ поголем  акцент врз контрола на мигрантите, а во екстремни случаи и забрана за влез во одредени држави. Ваквата ситуација е доказ дека можеби “преголемата слобода”  во изборот на политиките насочени кон мигрантите која ја нуди унијата, во време на голем предизвик за Европа, теоретски и употребно им дозволува на државите да превземат разни протекционистички мерки,  со кои ги потиснуваат заеднички прокламираните принципи и и наштетуваат на заедницата.

Миграциите не е спорно дека имаат и позитивен економски ефект, и тоа не само во земјата на прием туку и во земјата на потекло. Бенефитите на земјата на потекло  се состојат од намалувањето на невработеноста, доколку истите биле невработени, ќе се намали оптовареноста на државниот буџет за социјални трансфери, здравствена заштита, а покрај тоа мигрантите ќе испраќаат финансиска помош, дознаки, за своите семејства. Од друга страна земјите на прием на мигрантите, првично ќе се соочат со големи издатоци, мигрантите ќе бидат на терет на јавниот буџет, ообено за социјална заштита и здравство. Исто така ќе дојде до намалување на БДП per capita. Но долгорочно гледано со една добра стратегија за рамномерно распоредување на мигрантите и нивно постепено вклучување во општествените процеси, Европа може да има огромни придобивки. Мигрантите во најмала рака  би го ублажиле демографскиот проблем со кој се соочува Европската Унија.  Сегашниот  сооднос помеѓу населението кое спаѓа во работниот контингент и пензионерите изнесува четири работници на еден пензионер, но прогнозите се дека до 2060 година ваквиот сооднос ќе биде еден пензионер на двајца работници. Како последица на тоа можат да се јават нарушувања и во пензискиот систем. Мигрантите во голема мера може да  го забават ваквиот тренд. Дополнителна придобивка би бил фактот дека не така мал дел од мигрантите се високо образовани, со работно искуство и вештини, и добро го владеат јазикот на земјата на прием, па многу полесно се вклопуваат во општествените процеси. Без мигрантите, многу дејности и сервиси во Европа ќе колабираат – не се работи само за комуналните, транспортните и градежните дејности, туку и дејности како на пример во секторот на здравството.

Политики и мерки на унијата за справување со мигрантската криза

Европската Унија постана најпосакувана дестинација за подобар живот. Според Европската Комисија, имиграцијата во Европа во 2014 година достигна до 1.4 милиони бегалци и азиланти. Резултатите покажуваат дека во 2014 година, во ЕУ има 33 милиони луѓе кои се родени надвор од унијата, односно 7% од вкупната популација. Кога ќе се спореди со САД 20%, Канада 27% не изгледа толку многу.

Ваквиот предизвик бара и конкретни и недвосмислени акции. Спред досегашниот ангажман на политичарите, може да се констатира дека  ЕУ ваквиот предизвик за сега, го решава на демократски, на европски начин. Свеста за солидарност е на високо ниво, европските институции превземаат активни чекори за моментално справување со ваквиот предизвик, но и за долгорочно решение.

Како краткорочни цели, кои се иницирани од итноста на проблемот се: спасување на животите на бегалците, мерки за згрижување на бегалците, заштита на правата на бегалците, борба против трговија и криумчарење мигранти.

За исплонување на овие цели ЕУ дава финансиска и техничка помош за бегалците. Така, во Сирија има донирано 6.8 милијарди евра, обезбедено чиста вода за пиење за околу 2 милиони луѓе, храна за повеќе од 850 000 луѓе, а во рамките на програмата за заштита на децата влегле околу 2 милиони деца.

Долгорочните цели, се во правец воведување стандард за  влезот на мигрантите во границите на ЕУ: намалување на причините за илегална миграција, интегриран пристап на менаџмент и мониторинг на границите на ЕУ, подобрување на политиката за азил, општествена, социјална и економска интеграција, развој на мерки за легална миграција.

Со ваквите мерки унијата ќе добие подобра претстава за бројот и статусот на бегалците, како и ќе го подобри менаџирањето со нивниот влез во унијата, како и нивната инклузија во општествените процеси. Инклузијата во општествените процеси може да се постигне во прв ред со подобра интеграција на мигрантите на пазарот на труд. Во врска со тоа може да се превземат разни мерки и активности, како на пример: активна политика за вработување насочена кон мигрантите, субвенционирање на наемнините на мигрантите од страна на владата, поддршка за самовработување, програми за доквалификација и преквалификација. Брзото интегрирање на мигрантите на пазарот на труд е клучно за редуцирање на фискалните трошоци со социјална компонента.

Со ваквите мерки и Европската Унија и мигрантите ќе имаат придобивки од големиот предизвик наречен мигрантска криза.

Мигрантската криза проблем или предизвик

Со оглед на тоа дека претходните мигрантски текови беа непредвидливи, идните активности на европските институции во овај правец треба да се базираат на иднините потреби  а не на претходното искуство. Практично ова би значело дека мерките во иднина треба да се базираат врз предвивувања на обемот и структурата на мигрантските трендови. Наредните чекори на унијата треба да се движат во правец на: подобрување на безбедносната и граничната политика, усвојување на заеднички Европски систем за азил, зголемување на интеграцијата во општествените процеси на мигрантите.

Доколку ваквите политики го донесат посакуваниот резултат, интеграцијата се зголеми, Европа може да има мултипликативни ефекти од мигрантите. Доколку мигрантите се интегрираат во економските текови, најдат работа, ќе имаат потреба од се помала државна помош, наместо тоа ќе го полнат јавниот буџет. Доколку мигрантите гледаат можност за напредок, ќе бидат мотивирани за се поголема интеграција во општеството.

Оптоварувањата со кои се соочува Европа, со добра кохезиона политика, интегриран пристап, заедништво може да ги претвори во можности, со долгорочни мултипликативни ефекти.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде