Поддршка за градење бренд во македонската економија

0
262

Во време на глобализација на економските текови и зголемување на конкуренцијата, неопходно е компаниите да имаат воспоставени внатрешни механизми за креирање на одржлива конкурентска предност. Еден од начините за генерирање на поголема конкурентност е создавањето на сопствен бренд. Брендот во основа може да биде име, знак, симбол, според кој производот на една компанија се разликува од останатите. Додека пак, за самиот процес на брендирање неопходен е стратегиски пристап и ефикасно планирање.

Што се однесува на македонската економија, во Република Македонија има релативно мал број на генерички брендови. Како причини за малиот број брендови би можеле да бидат недостатокот на финансиски ресурси, како и недостаток на знаење од оваа област. За надминување на ваквата состојба, неопходно е од страна на развојната банка да се обезбедат финансиски средства со прифатлива каматна стапка кои би се канализирале преку деловните банки во вид на кредитни производи. Исто така, од страна на агенцијата за поддршка на претприемништвото или некоја друга институција потребно е дефинирање и имплементирање на програма за обука на менаџерите за креирање на бренд стратегии, со јасно дефинирани индикатори за следење на нејзините перформанси.

Понатаму, со цел да се дистрибуира моделот на брендирање до што е можно поголем број на сектори (индустрии), потребни се координативни механизми во вид на здруженија од соодветни сектори, по примерот на Здружението на месна и млечна индустрија, кое во вид на проекти ќе ја имплементира претходно споменатата програма и ќе ја следи ефикасноста на претходно споменатата кредитна поддршка во соодветната индустрија. Ова е важно особено за аграрниот сектор каде извозниот потенцијал е релативно мал, a и самата коњуктура на секторот е променлива.

За да системот биде ефективен на долгорочна основа, како и со цел да може да ги апсорбира промените во интерното и екстерното опкружување, креаторите на политиките треба да ги зајакнат механизмите за имплементирање на добар модел за управување со промени во рамки на компаниите. Исто така, со цел да се антиципира стратегискиот ризик во работењето на компаниите во подрачјето на креирање и имплементирање стратегии за брендиирање, потребно е да се изгради ефикасен и ефективен модел на управување со ризици во компаниите.

Но, за да овој процес ги даде посакуваните ефекти, потребно е и самите компании да ги зголемат своите организациски капацитети за брендирање, преку креирање на соодветна организациска култура и лидерство. На овој начин ќе се зголеми извозниот потенцијал на целата економија, со што ќе се зголеми и потенцијалот за раст на бруто домашниот производ и благосостојбата на населението.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде