Сиромаштија и нееднаквост – Каде потфрливме како држава?

0
1445

Еден од најголемите непријатели на човештвото во 21 век, без разлика дали зборуваме за нерaзвиените земји, земјите во развој или најразвиените земји е проблемот со сиромаштијата. Не постои универзална дефиниција на сиромаштијата, но голем дел од авторите ја поврзуваат со недоволно ниво на доход за да се задоволат основните физички потреби на луѓето (храна, облека и домување). Со сиромаштијата се поврзува и недостатокот на соодветно здравје и образование, недостатокот на животните услови, нeзадоволувањето на културните потреби итн. Без разлика како ќе ја дефинираме сиромаштијата, оние кои се сиромашни или живеат во сиромаштија се поранливи од лошите настани, болести, кризи, природни несреќи, безгласни се во повеќето општествени институции и немоќни за подобрување на животните услови. Доколку сакаме да ги најдеме изворите на сиромаштија потребно е да навлеземе подлабински и да разгледаме повеќе димензии. Дел од нив се поврзани со поединецот: нивото на образование, личните вештини, интелигенцијата, здравјето, неспособноста да инвестира во имот и образование, дел од нив се однесуваат на агрегатните големини на ниво на економијата: нивото на економски раст, економскиот циклус, пренаселеноста, централизацијата на моќта, социјалната нееднаквост. Несомнено постојат и други причини и тоа: природните катастрофи, војните, проблемите од еколошки карактер, глобалните услови итн. Сиромаштијата како глобален структурен проблем која се појавила со самата појава на човештвото и егзистира до ден денес треба да се набљудува од повеќе агли.

Во Република Македонија сиромаштијата се мери од страна на Државниот завод за статистика преку утврдување на релативната сиромаштија која се базира на расходите на поединците и семејствата. Притоа, релативната сиромаштија е одредена на 70% од медијалните еквивалентни расходи на домаќинствата. Стапката на сиромаштија според овој метод во 2013 изнесувала 24,2%, а во 2015 забележила пад и изнесувала 21,5%, но сепак 445,2 илјади луѓе во Македонија се сиромашни. Истата слика се добива и според AROPE индикаторот, којшто е целен индикатор во Европската Унија и е многу поблиску до прикажување на вистинската стапка на сиромаштија, кој освен приходите ги вклучува и лицата кои се сериозно материјално обесправени, како и лицата кои живеат во  домаќинства со многу низок интензитет на економска активност. Стапката на сиромашни и социјално исклучени лица во 2011 изнесувала  50,4% односно половина од населението се сметало како сиромашно или социјално исклучено, за во 2015 година ситуацијата да се подобри и овој индикатор достигнал ниво од 41,6%, коешто сè уште е загрижувачко. Само за споредба, овој индикатор во 2015 во просекот на ЕУ-28 изнесувал 23,8%. Без оглед на тоа кој метод на мерење се употребува, повеќе од јасно е дека Македонија треба што поскоро и што поинтензивно да ја намали сиромаштијата, да го зголеми животниот стандард и да стане подобро место за живеење.

Доколку се осврнеме на  распределбата на доходот, којашто многу тесно е поврзана со сиромаштијата во нашата земја, податоците се запрепастувачки. Според последните истражувања во Република Македонија, 50% од населението има месечен доход од под 212 евра, односно 90% земаат под 495 евра за сметка на оние 1% од населението кои имаат доход поголем од 1.523 евра. Во 2014 година, учеството на најбогатите 1% во вкупниот доход изнесувало 13,7% при што за период од две години тоа се зголемило (наместо да се намали) за 0,3 пп, и уште повеќе ја помести нееднаквоста во распределбата на доходот. И според Gini коефициентот, кој ја прикажува нееднаквоста во распределбата на доходот преку познатата Лоренцова крива, кој во 2015 изнесувал 33,7%, Република Македонија не е во добра положба. Оваа ситуација дефинитивно води кон она што се нарекува проблем од морален аспект, кога децата родени во иста земја имаат различни можности, социјални проблеми и немири, политичка нестабилност, се зголемува влијанието на богатите врз политиката која го отежнува политичкиот договор помеѓу групите со повисок и понизок доход, зголемен криминал, намалени инвестиции, намaлена продуктивност и сето тоа предизвикува негативен економски раст и зголемена сиромаштијата.

Со цел да се подобри состојбата во поглед на сиромаштијата, неизбежно е интервенција од  државата и државните институции. Една од повеќето можности што им стои на располагање на носителите на власта е зголемување на минималната плата и социјалните трансфери, бидејќи економски е докажано и потврдено дека склоноста кон штедење на луѓето со низок доход е нула или блику до нула. Оттука, посиромашните луѓе најголем дел од својот доходот ќе го користат за задоволување на основните потреби и со тоа ќе придонесат за раст на агрегатната побарувачка, што понатаму ќе значи и пораст на вработеноста и намалување на сиромаштијата.

Исто така, мерка врз којашто државата директно и непосредно може да влијае е воведувањето на таканаречената претприемачка државна администрација. Ваквата мерка дозволува зголемување на бројот на вработени во државната администрација, преку имплементација на принципот на „децентрализирано плаќање“ на сите државни службеници во согласност со нивниот учинок. Тоа подразбира дека основната нето плата за сите административци треба да биде фиксна и да изнесува колку најниската плата во Република Македонија, додека пак во структурата на бруто- платата варијабилниот дел да биде многу поголем од основниот и да се менува во согласно со учинокот на работникот. Како успешен пример може да се спомне Германија, која почива на ваквата претприемачка државна администрација и  денес се наметнува како една од најсилните економии во светот.

За посуштинско и поквалитетно решавање на овој проблем потребно е да се начне и даночната политика. Според  податоците кои се јавно достапни, можеме да забележиме дека најсиромашните 50% од населението се даночно оптоварени со 17,8% од нивниот вкупен бруто доход, оние кои се во групата од 80-90% (според нивото на доход)  се најповеќе даночно оптоварени и тоа 27,6% од бруто доходот, за разлика од најбогатите 1% и 0,1% кои се оптоварени со 20% односно 13,1% од бруто доходот, респективно. Ова е сосема нормално и логично во земја каде имаме пропорционален данок на доход од 10% и данок на потрошувачка од 18%. Како што знаеме данокот на потрошувачка делува регресивно, т.е. релативно повеќе ги оптоварува лицата со понизок доход, а освен тоа, овие лица целиот свој доход го користат за потрошувачка. Затоа, за да се зголеми правичноста и да се намали нерамномерната распределба на доходот потребно е воведување на прогресивен данок на доход којшто би ја ублажил регресијата од данокот на потрошувачка и би го зголемил даночниот товар кај побогатите. Како друг аргумент за воведување на прогресивниот данок на доход може да се наведе и принципот на способност на плаќање кој е правопропоционален со растот на доходот. Исто така, автоматската стабилизација која подразбира зголемување на приходите од данок на доход во период на експанзија (помал расположлив доход за поединецот  со  преминување во повисока маргинална даночна стапка) и обратно во период на рецесија, а со себе ја носи овој данок, е  добар критериум за негова примена. Но, треба да се има во предвид дека при било каква промена во даночниот систем најприоритетно и најнеопходно е  зголемување на даночниот морал во општеството кое се постигнува преку подобрување на јавните добра и услуги и подобрување на кредибилитетот на јавноста во државните институции, како и зголемување на даночните контроли и санкции за спас од феноменот даночна евазија.

Последно (во овој есеј), но не и помалку важно (во овој случај може да речеме и најважно) е реформата во образовниот систем. Имено за одржлив економски раст, намалување на сиромаштијата и поправична распределба на доходот потребни се есенцијални промени во образовниот систем во Република Македонија. Сегашниот образовен систем носи кадар кој воопшто не одговара на потребите на пазарот на трудот. Повеќе од јасно е дека во изминативе години имаме факултети скоро на секој чекор, голем дел од населението завршува некој вид високо образование со цел полесно да се вработи и да придонесе за развојот на економијата, но на крај добивме невработени лица со високо образование, кое ниту по видот, ниту по нивото на знаење му се потребни на стопанството. Ниту домашните, ниту пак странските инвеститори ќе се одлучат да изградат  фабрика со високо технологија доколку проценат дека нема доволно квалификуван кадар кој ќе има доволно знаење и вештини. Затоа, во блиска иднина мора да работиме многу посериозно на овој расчекор ако сакаме да ја промениме структурата во стопанството и да го подигнеме стандардот на вработените и на целокупното општество. Со самото подобрување на образованието ќе се разгори и ќе исплива на површина претприемачкиот дух кај младите и затоа, создавањето и поддршката на бизнис-инкубаторите претставува вистински предизвик,  како за создавање така и за проширување на новите Start up компании.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде