Што е Covid-19 (Коронавирус)?

0
436

Во декември 2019 кинеските власти го известија светот дека постои вирус кој се шири низ нивното општество. Во месеците кои следеа, тој се прошири и во други земји, дуплирајќи го бројот на заболени за само неколку дена. Вирусот е SARS Coronavirus 2 што ја предизвикува болеста наречена Covid-19 и сите поедноставно го нарекуваат Коронавирус.

Што всушност се случува кога тој ќе инфицира човек и што треба сите да сториме? Вирус е всушност само обвивка околу генетски материјал и неколку протеини, тој всушност и не е жив организам. Може да се размножи само ако влезе во жива клетка. Коронавирусот може да се шири преку површини, но сѐ уште не се знае колку долго може да преживее на нив. Главниот начин на ширење на вирусот е преку капки, кога луѓето кашлаат или ако допираат некој кој е заболен и потоа си го допрат лицето, на пример кога ги триете очите или носот. Вирусот го започнува своето патешествие на тој начин, и потоа зазема положба подлабоко во телото. Неговите дестинации се цревата, слезенката или белите дробови каде што може да предизвика најдраматични ефекти. Белите дробови се обложени со милијарди епителијални клетки. Тоа се граничните клетки на Вашето тело, кои ги обложуваат органите и мукозата чекајќи да бидат инфицирани. Короната се врзува за специфичен рецептор на мембраната на клетката за да го вбризга внатре својот генетски материјал. Клетката, не знаејќи што се случува, ги извршува новите инструкции кои се прилично едноставни, т.е. таа копира и составува. Се полни со сѐ повеќе и повеќе копии на оригиналниот вирус додека не дојде до критична точка и да добие една последна инструкција, самоуништување. Клетката на некој начин се топи, испуштајќи нови корона честички подготвени да нападнат повеќе клетки. Бројот на инфицирани клетки расте експоненцијално. По десетина дена, милиони клетки на телото се инфицирани, и милијарди вируси го преплавуваат белодробието. Вирусот сѐ уште нема направено голема штета, но Корона сега ќе ослободи еден вистински ѕвер – Вашиот сопствен имун систем. Имуниот систем, иако постои за да Ве заштитува, всушност може да биде прилично опасен за Вас и му треба строга регулација. И како што клетките на имуниот систем доаѓаат до белодробието за да се борат со вирусот, Корона инфицира неколку од нив и креира конфузија. Клетките немаат уши ниту очи. Тие комуницираат воглавно преку мали протеини за информации наречени цитокини. Речиси секоја важна имуна реакција е контролирана од нив. Коронавирусот ги тера инфицираните имуни клетки да реагираат прекумерно и да убиваат. Во некоја смисла, тој го става имуниот систем во борбен режим и испраќа многу повеќе војници од потребното, трошејќи ги своите ресурси и правејќи штета. Два посебни вида на клетки всушност прават хаос. Прво, неутрофилите, кои се експерти за убивање, дури и нас самите. Кога илјадници од нив ќе пристигнат, почнуваат да испумпуваат ензими што уништуваат исто толку пријатели колку непријатели. Другиот важен вид на клетки се „Т“ клетките убијци, кои обично им наредуваат на инфицираните клетки да извршат контролирано самоубиство. Збунети, тие почнуваат да им наредуваат и на здравите клетки да се самоубиваат. Што повеќе имуни клетки пристигнуваат, толку повеќе штета причинуваат и убиваат сѐ повеќе здраво белодробно ткиво. Ова може да стане толку лошо што може да предизвика трајна, иреверзибилна штета што води до доживотни последици. Во повеќето случаи, имуниот систем полека ја добива назад контролата. Ги убива инфицираните клетки, ги пресекува вирусите на пат да инфицираат нови, и го чисти бојното поле. Оздравувањето започнува. Повеќето од луѓето инфицирани со Коронавирус ќе ја поминат болеста со релативно благи симптоми. Но многу случаи стануваат сериозни или дури критични. Не го знаеме точниот процент затоа што не сите случаи се идентификувани, но може да се каже дека има многу повеќе случаи отколку од грип. Во посериозните случаи, милиони епителијални клетки умреле, а со нив и заштитната обвивка на белодробието. Тоа значи дека алвеолите, мали воздушни вреќички преку кои се одвива дишењето, може да се инфицирани од бактерии што обично не претставуваат проблем. Пациентите добиваат пневмонија. Дишењето станува потешко или е оневозможено и на пациентите им се потребни респиратори за да преживеат. Имуниот систем се борел со целосен капацитет со недели и направил милиони антивирални оружја. А сега, со рапидното мултиплицирање на илјадниците бактерии, тој е изморен. Тие влегуваат во крвта и го преплавуваат телото. Ако ова се случи, смртта е многу извесна. Коронавирусот често се споредува со обичниот грип, но всушност е многу поопасен. Иако точната стапка на смртност е тешко да се одреди за време на тековна пандемија, она што го знаеме за сигурно е дека е многу повеќе заразен и се шири побрзо од обичниот грип. Постојат две идни сценарија за пандемија како Коронавирусот: брзо и бавно. Кое сценарио ќе го избереме зависи од тоа како сите ќе реагираме во раните денови од појавувањето. Брзата пандемија би била ужасна и би не чинела многу животи. Бавната пандемија, сепак, нема да биде запаметена во книгите по историја. Најлошото сценарио за брза пандемија започнува со многу рапидна стапка на инфекција, затоа што не постојат контра-мерки за да ја забават.

Зошто е ова толку лошо? Имено, во брза пандемија, многу луѓе се разболуваат во исто време. Ако бројките станат многу големи, здравствените системи нема да можат тоа да го поднесат. Нема да има доволно ресурси како медицински персонал, или опрема како респиратори за да им се помогне на сите. Луѓето ќе умираат нелечени. И како што сѐ повеќе здравствени работници ќе се разболуваат, капацитетот на здравствените системи ќе опаѓа. Ако ова се случи, тогаш ужасни одлуки ќе треба да се донесат за тоа кој да продолжи да живее а кој не. Бројот на смртни случаи значајно ќе се зголеми во такво сценарио. За да се избегне ова, светот (тоа значи секој од нас индивидуално) треба да направи се што може за ова да стане бавна пандемија. Пандемија може да се забави само со вистински реакции, особено во раната фаза, за сите заболени да добијат третман и да нема точка на презаситување на болниците. Бидејќи немаме вакцина за коронавирус, ние мораме општествено да го прилагодиме нашето однесување за да се создаде општествена вакцина. Ова едноставно значи две работи: да не се инфицираме самите и да не ги инфицираме другите. Иако звучи безначајно, најдоброто нешто што можете да го сторите е често да ги миете рацете. Сапунот е всушност моќна алатка. Коронавирусот е инкапсулиран во слој од масти. Сапунот ги разградува мастите и вирусот не може да Ве инфицира. Исто така ги прави Вашите раце лизгави, и со механичкото движење при миењето, вирусите се откинуваат. За да го сторите тоа правилно, измијте ги рацете како да сте сечеле чили пиперчиња и сега сакате да ставите контактни леќи во Вашите очи. Втората работа е социјално дистанцирање, кое не е баш убаво искуство, но е корисно да се прави во овие кризни моменти. Ова значи без гушкање и без ракување. Ако можете да останете дома, направете го тоа за да ги заштитите оние кои мора да се надвор за општеството да функционира: од доктори до касиери, или полицајци. Вие зависите од сите нив, а тие зависат од Вас за да не се разболат. На повисоко ниво, постојат карантини кои може да значат различни нешта – рестрикции за патување или наредби да се остане дома. Карантините не се убаво искуство и секако не се популарни. Но тие ни купуваат нас, а посебно на истражувачите кои работат на откривање лек и вакцинација, круцијално време. Конечно, ако сте сместени во карантин, треба да разберете зошто и да го почитувате тоа.

Ништо од ова не е забавно. Но ако ја погледнете големата слика, навистина е мала цената што треба да се плати. Прашањето како пандемиите завршуваат зависи од тоа како почнале. Ако почнале брзо, со стрмен наклон, завршуваат лошо. Ако почнале бавно, со помалку стрмен наклон, завршуваат добро. И во ова време и доба, навистина сѐ е во наши раце, и буквално и фигуративно.

 

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде