Економија на колективен имунитет

0
511

Интересна идеја за спас на светската економија од моменталната рецесија се рашири веќе и во академските кругови, а која просто гласи: Платете им на луѓето да се вакцинираат кога вакцина ќе биде достапна. Ова е веројатно само возрасната верзија на „давање колаче или играчка на дете кое треба да ги прими редовните вакцини за да му се одвлече вниманието од иглата“. Идејата е едноставна, а целта јасна – стекнување имунитет на стадо.

Здравствените експерти ни дадоа до знаење дека можеме да се надеваме на некаква победа над вирусот кога над 60% од популацијата би стекнала имунитет. Со оглед на фактот дека ниту една вакцина не се карактеризира со совршена ефикасност, а според очекувањата идната вакцина против коронавирусот да има ефикасност од 75%, тогаш 80% од населението ќе треба да ја прими ваквата вакцина за да се достигне прагот од 60% имуно население (60 поделено со 75). Но, зошто ваквата идеја е особено интересна и зошто токму за економистите? И зошто, на крајот на краиштата, зборуваме за прагови кои треба да се достигнат? Па, токму за да се врати животот, а со тоа и економијата во онаа „нормала“ од периодот пред месеците март/април оваа година.

Прагот од 80% по сѐ изгледа не е наивен, што е доста апсурдно, со оглед на фактот дека станува збор за здравјето на населението. Апсурно, но за жал реално. Живееме во свет каде сѐ почести се нападите кон науката, особено медицината, од страна на лаиците. Противниците на вакцините и заговарачите веќе не се само наивни луѓе туку со пристапот до социјалните медиуми развиле таква поддршка помеѓу населението што достигнувањето на имунитет на стадо претставен преку бројките погоре изгледа безнадежно. Анкетите низ светот во просек ги покажуваат следниве резултати: 35% од испитаниците одбиваат да се вакцинираат. Загрижувачки, повторно, имајќи го предвид фактот дека потребно е вакцинирање на најмалку 80% од населението за да се стекне таканаречениот имунитет на стадо.

Имајќи го предвид контроверзниот ефект кој го има спомнувањето на парите како поттик во денешното општество, еве ја втората алтернатива: санкции. Она што ми паѓа на памет е дека таквите санкции би се одвивале на начин што пристапот до повеќето јавни места и институции би бил забранет за оние кои не поседуваат сертификат дека ја примиле вакцината против болеста. Не гледам друг резултат од ваквата алтернатива освен појава на општествена поларизација и што е уште понепосакувано – појава на криминал и насилство.

Значи, првоспоменатото решение „платете на луѓето да ја примат вакцината“ заслужува внимание. Но, економски оправдано е да се постави прашањето: колку да се плати? Најверојатно, за ваквата мерка да даде ефект, треба да постои висок поттик кај една нација да се вакцинири. Земајќи го македонското поднебје за пример, грубата претстава на примената на ваквата мерка ќе значи давање од 50 до 100 евра за секој поединец кој ја прима вакцината. Но, нема ли да е преголем товарот на државниот буџет? Пред да одговориме на тоа прашање, да согледаме еден реален проблем кај оваа потенцијална идна мерка.

Мнозинството на населението би ја примило вакцината и без ваквиот монетарен поттик, но со оглед на погореспоменатиот факт дека бројот на ваквото население нема да биде доволен за да се надмине праготод 80% и да се постигне колективен имунитет, што е предуслов да се стабилизараат економските процеси, мерката е потребна. Од друга страна, луѓето кои би се вакцинирале и без паричната награда не би требало да се очекува дека истата ќе ја одбијат штом чујат дека се најавува ваква државна мерка и имаат шанса да ги добијат тие парични средства. Се јавува проблемот на преголема компензација. Ваквиот противаргумент е валиден, но во исто време ја пропушта поентата. Доколку нацијата не се стекне со колективен имунитет, економијата ќе продолжи да стагнира, а општеството нема да може да се врати во нормала. Алтернативата да научиме да живееме со присуство на вирусот не е ветувачка, а што е уште повеќе, таа изгледа и неодржлива на долг рок.

Како што беше речено, главната идеја во текстот е економската рационалност на ваквата идеја. Значи, еднократен монетарен поттик за да се стекнеме со колективен имунитет од една страна, наспроти повтрливи финансиски пакети економска помош од страна на државата кон осиромашеното население и немоќните бизниси кои претрпеле значајни загуби поради пандемијата, од друга страна. Ваквиот еднократен монетарен поттик, во случајот на Република Македонија би изнсувал околу 200 милиони евра (претпоставувајќи дека секој поединец добива 100 евра монетарен поттик за примање на вакцината). За споредба, првиот и вториот пакет економски мерки за надминување на економската криза предизвикана од коронавирусот во Македонија изнесуваа од 200 до 250 милиони евра. Третиот пакет економски мерки, пак, изнесуваше 355 милиони евра. Вкупно надминувајќи 550 милиони евра. Доколку тука се додаде и пресмета изгубениот аутпут и доход од забавените економски активности предизвикани од коронавирусот, трошоците се енормни. Со полагање голема надеж во стручноста на здравствените работници дека набрзо на располагање ќе имаме вакцина против болеста, се чини дека главната цел на националните влади треба да биде стекнување на колективен имунитет.

Но да ја елаборираме уште повеќе оваа идеја, затоа што може да постои уште поефикасен и поекономичен начин за нејзино спроведување. Можно е да не се исплати целиот износ од 100 евра за секој поединец, туку да се започне со, да речеме, 80 евра. Остатокот од 20 евра да се исплати тогаш кога ќе бидат вакцинирани 80% од населението. Идејата позади ваквото резонирање е дека на овој начин примателите на вакцината ќе имаат и мотив да ги убедат останатите луѓе, нивни пријатели и роднини, да ја примат вакцината, со цел да го добијат вкупниот износ од 100 евра. Една работа е сепак јасна: подобро е уште на почетокот да се определи висок монетарен износ за примателите на вакцината, наместо низок кој со текот на времето би се зголемувал. На овој начин успешно ќе се одбегне опортунизмот кај луѓето да заработат повеќе пари, одбивајќи да ја примат вакцината затоа што ќе очекуваат износот кој треба да го добијат да се зголеми во идниот период.

Важно е да се осврнеме на уште едно прашање. Што ако стекнатиот имунитет после вакцинирањето е краткотраен? Дали во тој случај националните влади ќе треба да продолжат да даваат монетарен поттик на населението за ре-вакцинирање? Мојата надеж, а тоа е сѐ што имам во овој момент, е дека доколку населението го согледа бенефитот од вакцинирањето во поглед на заштитата на личното здравје, и доколку се забрзаат економските активности, а со тоа и економскиот раст, зголемувањето на благосостојбата од стекнатиот колективен имунитет, макар и краткотраен, ќе биде доволен аргумент за наредното вакцинирање да се изврши без вакви мерки. Секако, не ја отфрлам можноста дека грешам.

Дефинитивно, не е прерано креаторите на макроекономската политика да почнат со размислување за мерки во насока на зголемување на ефикасноста на потенцијалната идна вакцинација. Доколку не стекнеме колективен имунитет, се плашам дека пред нас имаме иднина на континуирана економска малаксаност.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде