Економијата во време на пандемија

0
3204

Страдањето во нашето време е последица на недостатокот на општото разбирање околу тоа како нашата поединечна активност може да биде инкорпорирана во работата на социјалниот организам, со цел сето она што го правиме да биде насочено кон подобрување на општата благосостојба на нашите сожители. Ова несомнено можеме да го подобриме преку искрена соработка која мора да подлежи на разбирање и доверба, со што потребите на останатите ќе станат директна грижа и за нас.

Пасусот погоре само служи како илустрација за поголемо разбирање на новонастанатата светска состојба, претставувајќи го општеството во кое живееме како социјален организам, доволно голем, но не помалку подлoжен на болести. Можно ли е претставување на патологијата на едно општество преку скоро-прогласената пандемија со која се соочува човештвото? COVID – 19 заболувањето, предизвикано од SARS-CoV-2 вирусот веќе ги манифестира своите моќи врз голем дел од светската популација, а по предупредувањето на голем дел економисти и социолози, веќе станува јасно дека е инфициран и самиот социјален организам, а со тоа неминовно и економијата како „орган“ на тој организам. Дека ефектите и последиците на коронавирусот ќе бидат пошироки од индивидуалните загуби по здравјето на секој поединец беше евидентно уште пред прогласувањето на пандемијата. Ако Светската здравствена организација прогласи пандемија на 11-ти март, берзанските индекси веќе на крајот на февруари и почетокот на март драстично опаднаа, наликувајќи на периодот на Големата рецесија (2007 – 2009 година), како последица на несигурноста и неизвесната иднина. Кои се економските последици? Кога можеме да очекуваме стабилизација? Можно ли е негативните економски ефекти од коронавирусот да ја заобиколат Македонија? Оправдани ли се стравувањата на бизнис-секторот? Потребна ли е државна интервенција онаму каде што до скоро пазарот и неговата невидлива рака беа единствени „владетели“?

Широките глобализациони процеси и слободната трговија како директна последица практично оневозможува користите и загубите во една економија да не се почувствуваат, макар и малку, во останатите економии. Според податоците на Државниот завод за статистика, во јануари 2020 година, според вкупниот обем на надворешно-трговската размена, Република Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Италија, Турција, Грција, Србија, Бугарија и секако – Кина, државата која изземајќи ја Италија, е државата од каде извираше вирусот, па и останува жариште на истиот, парализирајќи ги стопанските текови во државата. Строгите мерки кои ги преземаат кинеските власти во справувањето со вирусот ги попречуваат вработените да стигнат до своите работни места. Кинеските компании веќе подолг период работат со намален капацитет, што се одразува на вкупното производство, губејќи дел од светскиот пазар на кој изминативе години успешно воспоставија доминација. Она што за нашата земја е важно е да се разбере влијанието на ваквата состојба во Кина врз нашата економија. Разгледано преку бројки, во 2019 година, вкупната размена со Кина изнесувала преку 711 милиони американски долари, што е за 20,8% повеќе од 2018 година. Влијанието кое Кина го има врз македонската економија може да се забележи и преку инфраструктурните проекти и инвестиции кои во моментов се во тек. Станува збор за изградбата на автопатите и за иницијативата 16+1 во која учествува Кина заедно со 16 земји од Централна и Источна Европа, чија цел е навистина благородна – интензивирање на соработката во инфраструктурата, трговијата, инвестициите, транспортот, земјоделството, финансиите, науката, образованието и културата, што во крајна инстанца ќе води до развој на вклучените држави.

Да го поставиме уште еднаш споменатото прашање, па да видиме каков би можел да биде одговорот. Оправдани ли се стравувањата на македонските претпрјатија? Несомнено, одговорот е – да. Негативни последици ќе има. Оттука па натаму треба да размислуваме кои ќе бидат постапките на креаторите на макроекономските политики при справувањето во кризниот период, во насока тие последици да се задржат колку што е можно помали. Деновиве во јавноста се слушаат барањата на претприемачите и менаџерите за државна помош, затоа што како што велат, загубите како последица на коронавирусот не можат да ги сносат самите. Ваквите пораки од стопанството не се карактеристични само за Макдонија. Големите економии веќе ги преземаат првите чекори во справувањето со негативните економски ефекти, дејствувајќи преку монетарно-кредитните и фискалните инструменти. За пример, САД ги одложува даночните плаќања за бизнисите, обезбеди 200 милијарди долари дополнителна ликвидност за економијата, Федералните резерви ги намалија каматните стапки за половина процентен поен со цел поттикнување на инвестициската активност во државата и така натаму. Кина ја засили поддршката за финансирање за регионите погодени од вирусот и централната банка исто така ја намали каматата и ги повика банките да даваат евтини заеми со олеснителни околности за исплаќање на заемите. Велика Британија лансира стимул од 30 милијарди фунти, а Банката на Англија ги намали каматните стапки. На групата земји кои во овие моменти водат експанзивна монетарна и фискална политика се приклучи и Јапонија. Земјите од Европската Унија од друга страна пак, не успеаја да се договорат за преземање радикални мерки, па Европската централна банка засега избегнува намалување на каматните стапки. Меѓутоа, од ЕУ ветуваат формирање заеднички инвестиционен фонд со 25 милијарди евра за ублажување на ударот врз економијата на земјите членки на унијата.

Погоре споменатото на некој начин звучи како оправдување македонските претприемачи и менаџери да бидат погласни и помалку скромни во своите барања за државна финансиска помош. Она што јавноста при една ваква ситуација го пропушта се ставовите на помалку гласните и очигледно помалку моќните работници. Во време на пандемија, во денови кога здравствениот систем на државите се бори со последните капацитети да ја задржи ситуацијата под контрола, негативните економски последици се неминовни. Но, таквите последици не се единствено на сметка на работодавците, туку и на вработените. Ширењето на вирусот не е ничиј избор, па тешките времиња за работодавците се подеднакво, ако не и повеќе тешки за обичниот работник. Трошоците за живот, за обезбедување храна во поголеми количини, за одржување лична хигиена, за средства за дезинфекција и слично се поголеми во време на пандемија. Ако веќе работодавците беспоштедно, па дури и безобразно се впуштија во трката за државен денар повеќе, себично нагласувајќи ги своите потреби, тогаш наша задача како општество е правилно да расудиме за приоритетите на општествената заедница. Велам, „безобразно се впуштија во трката за државен денар повеќе“ од две причини. Првата, дека пред пандемијата истите тие управители на компании беа исто толку гласни и силни во напорите да ја задржат државата надвор од пазарните текови и нејзината интервенција да ја сведат на минимум и, втората причина е очигледното непочитување на дел од бизнисите на обврските кои ги имаат кон своите вработени, а предвидени со мерките за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот. Во медиумите и по социјалните мрежи нашироко се појавуваат обвиненија кон компании и цели сектори кои не ги ослободуваат своите вработени кои со прекинот на наставата во училиштата мораат да се грижат за своите деца помали од 10 години. Освен тоа, вработените во некои сектори, како што е текстилната, работат во такви услови каде во една производна хала се распоредени голем број вработени на машини, што претставува зголемен ризик од ширење на болеста.

Ваквото резонирање, морам да нагласам, нема за задача да ја омаловажи потребата од државна интервенција. Таа несомнено е потребна. Она што сакам да го направам е да ја акцентирам облигаторноста за почитување на препораките од здравствените работници и државните институции. Работниците и работодавците мора да разберат дека имаат свои права, но и свои обврски и одговорности. Непочитувањето на истите не може да ги зголеми нивните користи зашто ова и не е момент за тоа. Овој текст не случајно беше почнат преку претставување на општеството како жив организам, каде што потфрлувањето на еден орган, па дури и еден сегмент на органот, може да биде фатално. Каде што секое индивидуално дејствување мора да биде насочено кон исполнување на пошироките општествени цели.

Респектот кон некоја наука, на крајот на краиштата, зависи од можноста да му служи на едно општество. Ресурсите, како што нѐ учи економската наука, се ретки и ограничени, па не можеме да го контролираме нивниот обем. Но она што знаеме да го направиме, или барем се надевам дека знаеме, е тие ресурси да ги алоцираме најрационално. Ова во никој случај не е во, туку е апсолутно надвор од сферата на емоциите. Во моменти кога уште еднаш на тест е ставена солидарноста на човекот, мораме да ги знаеме општествените приоритети. А токму сега не гледам друг приоритет освен јавното здравје.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде