Инфраструктурните проекти како потенцијал за излез од економската криза

0
138

Во овој период сите дискусии се водат во насока на епидемијата која владее во светот. Во економски контекст,  главна тема се мерките кои треба да се дефинираат и имплементираат за спас од економската криза. Се разбира, структурата и капацитетите на секоја економија се различни, поради тоа различни се и магнитудите на самите мерки.

Кога станува збор за нашата економија, нејзината конјуктура ја знаеме. Имено, таа е мала и отворена економија, која што главно извезува на европските пазари. Затоа, кога станува збор за извозниот сектор, неговите перформанси се корелирани со динамиката и стабилизацијата на пазарите, каде што се наоѓаат нашите трговски партнери.

Кога станува збор за домашните економски капацитети, нашата економија, демографски има мал потрошувачки потенцијал. Меѓутоа, гледајќи во изминатиот период, може да се забележи слаба реализација во доменот на инфраструктурата. Имено, во Македонија има огромен маневарски простор за изградба на сообраќајна инфраструктура. Исто така, имаме неискористени можности и во подрачјето на енергетската, како и инфраструктурата на системи за наводнување во аграрниот сектор.

Сите овие проекти во овој период, можат да се стават во насока на зголемување на апсорпционите капацитети на агрегатната побарувачка. Со тоа, до одреден степен би се намалиле негативните ефекти во стопанството, иницијално генерирани од здравствената криза,  и до одредено ниво би заживеала економската активност.

Но, со цел да имаме што е можно поголеми позитивни импулси од овие проекти, неопходно е најпрво да се подобри ефикасноста на процесот на планирање. Имено, потребно е да се зајакнат капацитетите на проектниот менаџмент во институциите, како и подобрување на индикаторите и целокупниот модел на управување со перформанси.

И на крај, клучно е да се стави акцент врз транспарентноста, со цел да имаме поголема ефективност како и превенирање на некои оперативни ризици.

COMMENT

Please enter your comment!
Ве молиме внесете го Вашето име овде