Монетаризмот како економска филозофија се надоврзува на економскиот либерализам и на вербата во стабилноста на економијата како негово природно својство. Во методолошка смисла, монетаризмот инсистира на позитивната економија. Од идеолошки аспект, пак, тој е теорија на либерално-конзервативната десница, која верува во рационалниот поединец, приватната сопственост, слободата и слично. Како економска политика, монетаризмот става акцент на стабилното и долгорочно управување со понудата на пари, предност им дава на правилата во однос на дискреционата политика на владата.
Монетаризмот како економска теорија и политика е преточен во економската практика. Во таа смисла треба да се истакне посебно времето на реганомиката во САД и тачеризмот во Обединетото Кралство во 1980-те години на минатиот век.
Монетаризмот во себе содржи и економска политика со која се дава поддршка на самотекот на економската активност со помош на пазарот, од една страна, и се бара редуцирање на економската улога на државата на минимум, од друга страна. Монетаристите се против активна економска политика, а доколку треба да се води некаква економска политика примат треба да и се даде на монетарната политика. Тие се за слободна пазарна игра, потполна конкуренција и слободни цени. Монетаристите се залагаат за намалување на буџетскиот дефицит, за дерегулација на економските текови, за приватизација, за намалување на социјалните трансфери и слично. Тие предлагаат државата т.е. централната банка, да води монетарна политика со која ќе се контролира порастот на паричната маса и ќе се влијае на економската стабилност. Во тој контекст е познатото монетарно правило на Милтон Фридман според кое треба со уставот да се утврди константна стапка на пораст на паричната маса од 3 до 5% која би кореспондирала со годишната стапка на пораст на БДП. Економската политика на монетаристите се залага за утврување и почитување на одредени „правила на играта“, а е против дискреционата монетарна политика. Истото важи и за фискалната политика. Монетаристите се определуваат за економска политика врз основа на правила а не за власт (дискрециони права). Во центарот на монетаристичката економска политика е стабилното, долгорочно управување со понудата на пари. Тие велат дека основен економски проблем не е невработеноста (како што сметаат следбениците на Џон Мејнард Кејнс т.н. кејнзијанци), туку инфлацијата за која сметаат дека е монетарен феномен.
Монетаристите сметаат дека улогата на државата т.е. владата треба да биде ограничена, односно нејзината улога треба да се сведе на заштита на внатрешната и надворешната стабилност, заштита на законите и договорите во врска со приватната сопственост, заштита на конкурентскиот пазар. Моќта на владата треба да биде децентрализирана, бидејќи во спротивно може да прави и лоши дела.
Монетаристите потенцираат дека т.н. „невидлива рака“ на пазарот е поефикасна од државната интервенција, приватниот сектор е стабилен, државата треба да ја контролира понудата на пари, економската политика да се базира на цврсти правила т.е. на монетарната политика.