The nature of economic crises

0
726

Основната причина за необјаснивоста на лошата состојба на макроекономијата и нејзините постојани флуктуации лежи во фундаменталната академска економска теорија, која ја растргнува макроекономијата помеѓу огромната сложеност на нејзиниот предмет и прецизноста на микроекономската теорија кон која сакаме да ја насочиме. Ваквата контрадикција не е нова. Ниту еден математички модел не успеа да биде достојна замена за раскошниот економски свет што требаше да биде објаснет. И иако, лично, би сакал решението за ваквата академска напнатост да биде позиционирано помеѓу двете наведени крајности, наидувам на пречка во дефинирањето на тој меѓупростор. Доколку го продолжиме ваквото резонирање и на поконкретните економски појави, станува тешко да ги дефинираме, да ги диференцираме по нивните разлики и да ги соединуваме по нивните сличности.

Без разлика дали и колку економската теорија до денес ни помогна да ги разбереме економските кризи, тие продолжуваат да се јавуваат дури и како правило, колку да нѐ потсетат дека нешто пропуштаме. Периодите на стагнација на економската активност, забавувањето на економскиот раст, зголемувањето на невработеноста и тешките времиња кои таквата стагнација ги носи со себе биле и остануваат повторлив дел на човековата историја.

Оправдувањето за неможноста за разрешување и ефикасно справувањесо економските кризи се аргументира со фактот дека секоја нова економска криза е различна од претходната. Иако ваквиот став е издржан, она што според мене е поважно и е вредно да се акцентира се различните реакции на економските субјекти кон истите економски мерки низ времето. Со цел појасно да ја доловам суштината на текстов, да ја разгледаме мистеријата за почетоците на Големата депресија од 1929 – 1933 година. Ненавлегувајќи во деталните карактеристики на оваа економска криза и пустошот кој истата го остави зад себе, ќе се обидам да пренесам колку знаеме, или подобро речено –  колку не знаеме за она кое ние самите сме го креирале.

Кога се обидуваме да зборуваме за економските кризи низ времето, од најголем наш интерес се причините кои довеле до нивното појавување. Она што е особено лесно да се забележи низ економската литература е сигурноста со која денес ги објаснуваме финансиските економски кризи па, за пример, бројна е литературата и трудовите во кои издашно и хронолошки се опишува Големата рецесија од 2007-2009 година. Можеби и оправдано, зашто економската наука доволно напредналаза да може да ја опише генезата, текот и последиците на најскорешната голема економска криза. Од друга страна, она што е неоправдано е тешкотијата со која се соочува економската наука при објаснувањето на еконоските кризи не во финансискиот, ами во реалниот сектор – оној кој се чини дека треба да ни биде најблизок до нашето мисловно творење.

Она што се случило во 1929 година не било никаква паника во банкарскиот сектор, ниту пак паника кај поширокото население како можна причина за нагло повлекување на депозитите и штедните влогови. Во 1929 година се случил драстичен пад на индустриското производство од преку 20%. Пол Ромер, нобеловец, ваквиот пад на индустриското производство го опишува како примарна мистерија на Големата депресија. Понатаму, Бен Бернанке, во еден од најдобрите трудови кои ја елаборираат токму економската криза од 1929 – 1933 година признава дека неговата теорија не дава целосно објаснување на Големата депресија, затоа што ништо не е кажано за 1929 година.

Враќајки се уште поназад, пред Големата депресија, човештвото било соочено со уште една депресивна општествено – економска слика, иако овојпат свесно земајќи ги предвид разорните последици на Првата светска војна. Имено, периодот помеѓу 1920 – 1921 е исто така период на економска стагнација. Овојпат, америкаснкиот економски систем се чини гледал моќно оружје во борбата со економските рецесии во името на неодамна оформените Федерални резерви. Играјќи ја улогата на Централна банка на САД, во борбата со рецесијата од 1920 – 1921 година за првпат го претстави „отворениот прозорец“ на поволни каматни стапки пред американските комерцијални банки. Од денешен аспект, идејата зад ваквата монетарна економска мерка е јасна – намалување на каматните стапки со цел стимулирање на позајмувањата на населението и приватните претпријатија со цел обезбедување поголема ликвидност, интензивирање на инвестиционите потфати, раст на производството, продажбата, вработеноста и секако во крајна инстанца пресврт на рецесионите тенденции и насочување на економијата кон подем. Уште поважно, ваквата мерка покажала успешно справување со паниката која претходно се јавувала кај банкарите и штедачите. За првпат финансискиот сектор доживеал брза стабилизација. Ваквиот монетарен инструмент во рацете на креаторите на економските политики бил голем успех. Своевремено, Весли Мичел, америкаснки економист изјавил: Конечно научивме како да спречиме повремените кризи да прераснат во општа паника.

Како што беше погоре споменато, причините за падот на вкупниот аутпут во 1929 година остануваат мистерија, па дозволете таа година да ја третираме како аномалија, односно феномен кој засега останува надвор од нашите економски сфаќања. Спомнав дека главниот проблем треба да го бараме во различните реакции на заболената економија на истиот економски лек кој економистот и’ го препишува. Она што се случило во годините после абнормалната 1929 година бил целосен колапс на финансискиот систем. Како кризата од 1929 година успеа во целост да го демантира ставот на Весли Мичел дека конечно научивме да се справуваме со економските кризи? Што тргна наопаку?

Успешното справување со рецесијата од 1920 – 1921 година можеби ја наметна идејата за безрезервна поддршка на новооткриените монетарни инструменти за справување со економските тешкотии во 1929 година. Намалувањето на есконтната каматна стапка се очекувало да ги има истите последици како и во претходната криза – повеќе пари за населението и претпријатијата, одржување на потрошувачката на стабилно ниво, поттикнување на аутпутот и излез од канџите на рецесијата. Спротивно од очекувањата на економистите, она што овојпат се случило не било зголемување на одобрените кредити од страна на банките за помош на претпријатијата, туку банките прибегнале кон побезбедни облици на вложување на средствата со кои располагале. Конкретно, зборуваме за пад на банкарските заеми од над 80% од една, и пораст на влоговите во државни обврзници од страна на банките од друга страна. На ваков начин, во услови на криза, банките, токму оние економски субјекти кои требало да се влечната сила за излегување од бездната на рецесијата се насочија кон билдање на побезбедно инвестиционо портфолио. Ваквото изненадно однесување на банките само ја продлабочило економската криза која веќе започнала во реалниот сектор на економијата, проширувајќи ја во финансискиот сектор, а била понатаму проследена со масовно повлекување на депозитите од страна на испаниченото население. Следните неколку години го одбележуваат периодот на Големата депресија и разорниот ефект кој економските кризи го имаат врз цивилизацијата.

Причината зошто банкарскиот сектор се однесувал на различен начин при, грубо речено, исти околности во двете блиски кризи може да се одговори само преку поширока анализа на политичката, економската и пошироко општествената ситуација која владеела во конретните кризни периоди, и преку анализа на психологијата на банкарите. Она што тука можам да го кажам, со извесна доза на резерва, е дека по успехот од справувањето со кризата во 1920 година, Федералните резерви не можеле ниските каматни стапки и останатите поволности кои ги уживале комерцијалните банки да ги задржат долг временски период. Набрзо после првичните знаци на заживување на економските процеси во 1920 година, банките биле обвинети за шпекулативни мотиви, односно употреба на достапните евтини средства на Федералните резерви за профитирање. Федералните резерви, политичката администрација и воопшто населението на САД започнале негативна кампања во однос на банкарското работење, стигматизирајќи го понатамошното позајмување на комерцијалните банки од средствата на Федералните резерви. Стигмата која завладеала тој период очигледно продолжила до 1929 година и почетоците на Големата депресија. Во тој момент банките биле соочени со судир на интереси. Прво – спас на економијата од пропаст, зашто да бидеме искрени кон себе и кон науката, во модерниот општествен систем банките играат значајна улога во економските процеси и стабилноста на тие процеси е возможна преку стабилен финансиски сектор. Второ – надминување на негативните погледи кон новите банкарски позајмувања.

Поттикнат од здравствената и економска криза со која се соочуваме денес, а предизвикана од коронавирусот, примерите погоре нека служат за да разбереме дека пред нас претстојат големи предизвици. Од аспект на креирањето на економски мерки, специфичните карактеристики на една криза се познати само кога кризата ќе започне, а она што дополнително треба да нѐ загрижи е непредвидливиот тек на кризите низ историјата. Оттаму дури и смешно ми делуваат некои коментари на економистите кои во јавноста излегоа со ставови дека државите требаше порано да се подготват за претстојната економска криза. Кризата која ни претстои за првпат влече корени од свет завојуван против невидливи непријатели. Доколку почетокот и текот на пандемијата од коронавирусот беше и останува непредвидлив, тогаш непредвидлива беше и економската криза, а сите предупредувања за потенцијалните опасности од таква економски кризи беа небулозни и предмет на расправа на лаиците. Предупредувањата и критиките требаше да бидат насочени кон погрешните економски политики на владите низ светот пред кризата, а идеите и предлозите насочени кон подобрување на економските политики и мерки. Она што државите требаше и мораа да го направат е да одржуваат стабилна економија, водејќи и донесувајќи правилни економски мерки и политики.

Доколку во претходната статија општествено – економскиот систем го споредив со човечкиот организам, тогаш вие сами повлечете паралела помеѓу здравиот и силен човечки имунитетен систем и неговата успешна борба со вирусите од една страна и стабилната и здрава економија која ќе биде спремна да се бори со економските последици од здравствената криза од друга страна.

Претстои тежок период во кој загубите на човечките животи и банкротствата на компаниите ќе бидат неизбежни. Решението на економистите не може да се базира на веќе видените и секојдневни економски мерки. Јас го немам одговорот, но уверен сум дека какво и да е решението, ќе ја забрзаме конвергенцијата на нашите идеи кон него и ќе ја редуцираме штетата од потенцијалните погрешни чекори, доколку се фокусираме на намалување на егоизмот и човековата глума на сезнајност кон проблемите со кои првпат се среќаваме.

COMMENT

Please enter your comment!
Ве молиме внесете го Вашето име овде