Зошто лоша уметност се продава за огромни цени?

0
1242

Луѓето се бавеле со уметност уште додека се уште живееле во пештери. Иако неговите вештини се развивале заедно со него, но и се менувале и растегнувале во најразлични правци и стилови, желбата и потребата на човештвото да создава уметнички дела и да се восхитува на нив никогаш не згаснала. Пазарот за уметнички дела денес, е исклучително профитабилен. Според извештајот на др. Клер МекЕндру, продадените уметнички дела во 1990та година заедно чинеле сума од 27.2 милијарди долари. Пред кризата, во 2007 година, оваа бројка тројно се зголемила, качувајќи се до 65.8 милијарди долари. Последните податоци од 2012 година велат дека кризата имала само мал ефект врз овој пазар, симнувајќи го на 56 милијарди.

Низ годините, сите сме слушнале за тоа како некои модерни “уметнички дела” на пазарот се продаваат за фантастично високи суми. Канвас обоен сино, со бела линија на средината се продал за 44 милиони долари. Банана (малку расипана) залепена со лента селотејп на ѕидот се продала за 120 000 долари. За просечниот човек, вакви дела изгледаат премногу обично, или дури смешно. А сепак, тие достигнуваат фрапантни цени при нивната продажба. Зошто се случува тоа?

Прво, сосема е возможно да станува збор за исклучително ретко уметничко дело (кое доаѓа од малку плоден, но познат уметник, или е ретка уметничка инсталација) да добие голема цена исклучиво поради својата реткост. Други пак уметнички инсталации се толку големи, комплексни и скапи (во материјалите потребни за нивната изведба), што нивната продажба неминовно би повлекла и повисока цена. Некои творби пак се дела на големи уметнички имиња, и со самото тоа претставуваат престижни и барани творби.

Но во оваа статија ние се апстрахираме од ваквите случаи. Ние сакаме да откриеме зошто ефтини, прости дела, создадени од непознати млади уметници, би се продале за толку високи суми. Некои би рекле дека желбата да се покаже богатството, и преку него да се изрази високиот социјален статус, доволно ги објаснува ваквите појави. За нив во овој случај станува збор единствено за таканаречениот ефект на луксузни добра, каде побарувачката за едно добро расте како што расте доходот, за разлика од добра како лебот или јавниот превоз, кои со растот на доходот се заменуваат со други производи или услуги. На некои начин, наддавањето за уметничките дела претставува натпревар за најбогатите, еден вид спорт каде тие може да се надминуваат еден со друг во “фрлање пари”.

Според други, не станува збор само за вишок на пари и желба тоа да се покаже во јавноста, туку и потреба богатиот да се покаже и како културна, образована и “воздигната” личност. Односно, според нив, купувајќи ги оние дела на кои критичарите ги фалат, а на кои обичниот народ се смее, богатите сакаат да покажат дека поседуваат префинет вкус кога станува збор за уметноста и културата. Дека нивните разбирања и афинитети се на едно повисоко ниво од она на просечниот човек.

Овие две причини заедно, веројатно објаснуваат многу од ваквите (навидум) аномалии на пазарот. Сепак, според мене, постојат и случаи каде овие изненадувачки продажби се вршат од уште пониски побуди од горните. Имено, сметам дека постојат случаи каде продажбата на уметнички дела се користи за да се избегне данок, или пак за да се направи лесна заработка со голема профитна маржа. Како би се случило ова?

Да го погледнеме првото сценарио. Млад, надежен уметник, се уште непознат во својата фела, го произведува своето прво уметничко дело. На изложбата, него му пристапува бизнисмен, кој му ја нуди следната понуда: откуп на уметничкото дело за 1 милион долари, но, под услов уметникот подоцна, на рака да му врати 900 000$ од таа сума. Ова е спогодба од која добиваат двете страни. Имено, бизнисменот се осигурал дека 900 000 долари од неговата добивка би биле ослободени од данок. Уметникот би добил дури и повисока цена од онаа која првично ја очекувал за неговото дело, но и би се здобил со славата која потекнува од една таква фантастична продажба, а со тоа и поголеми шанси за идни продажби.

Второто сценарио е малку посложено, и опфаќа само специфична група луѓе, имено, дилери на уметнички дела со конекции во бизнис фелата. Овие луѓе одбираат млад и непознат уметник, и склучуваат договот со фирмите да му ги купат делата по високи, но не и фрапантни суми. Откако повеќе дела ќе се продадат на овој начин, уметникот ќе изгради име за себе, како и углед кој чини пари. Со самото тоа, цената на неговите дела на пазарот ќе порасне. Кога тоа ќе се случи, бизнисите кои ги купиле првите дела на уметникот, ќе можат сега одново да ги продадат за уште повисоки суми. Со други зборови, овие дилери вештачки и самостојно ја градат кариерата на уметниците, со цел подоцна, преку препродажба да капитализираат на неговата слава.

Секако, поентата на оваа статија не е да имплицира дека ниту едно уметничко дело не вреди олку пари, дека ниту едно не е доволно добро, убаво, умешно или восхитувачки за да вреди една ваква награда. Ниту пак има намера да тврди дека вредноста на модерната уметност е секогаш резултат само на снобовско наддавање, даночно затајување или профитерство. Поентата на оваа статија е да понуди можни, разумни објаснувања за фрапантните цени на смешни уметнички дела од непознати имиња. За следниот пат кога ќе слушнеме дека црна коцка на бел канвас се продала за милиони долари, да не бидеме зачудени, туку да размислуваме какви мотиви и економски можности, се вплеткале во инхерентната вредност на тоа уметничко дело.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде