Панглосов оптимизам

0
557

Во суштината на економската наука или ако сакате – општествена дисциплина, се наоѓа стремежот на човекот за подобрување на неговата благосостојба, во најширок поим. Рационалната алокација на ретките и ограничени ресурси, уште од најстари времиња, претставувало поле на интерес за човекот. Секој поединец знае што е за него најдобро, која алтернатива најмногу ја преферира, кое решение ја максимизира неговата лична благосостојба. Водејќи се од овие основни, речиси инстинктивни човекови побуди, развојот на економска теорија на која основната премиса ќе налага слободен тек на економските активности како најефикасен метод за алокација на ресурсите, изгледа очигледно. Ваквата формулација на човекот како себично суштество ги оправдува филозофските основи на Адам Смит, кој во своето капитално дело „Природата и причините за богатството на народите“ запишал: „Ние нема да ѝ се обраќаме на нивната човечност, туку на нивната себичност. Ние никогаш нема да им зборуваме за своите потреби, туку за нивните користи“.

Имајќи го ова на ум, лесно е да ја разбереме една од првите лекции во учебниците за основите на економијата, каде личниот интерес на потрошувачите и бизнисите кои дејствуваат на пазарот во крајна инстанца води до посакуван аутпут. Тој посакуван аутпут не е ништо друго туку состојба поповолна за економските субјекти од првичната. Оваа економска лекција ќе ја најдете и под името „Прва фундаментална теорема на економијата на благосостојба“. Со цел тука да не одземам повеќе простор од она што е потребно за вам таа економска лекција да ви стане кристално јасна, се работи за законитост која тврди дека личниот интерес е алфа и омега на пазарниот механизам кој, пак, е компетитивен, а резултира, дозволете, с е к о г а ш со зголемување на питата од која се хранат сите чинители на таа економија, односно на тоа општество.

Убеден сум дека барем некој од вас ќе се согласи со мене дека ваквото тврдење е наивно, преоптимистично, па дури и, чинам, панглосово. Велам дека првата фундаментална теорема на економијата на благосостојба е панглосово оптимистична затоа што во Волтеровото magnum opus – Кандид, Панглос напати нѐ убедуваше дека сѐ е најдобро во најдобриот од сите можни светови. Вистински наивно. Убеден сум од најмалку три причини, ако веќе состојбата со нееднаквоста во светот во кој живеете не е доволна причина.

Прво, функционалноста на економските односи е незамислива без уреденост на сопственичките односи од една страна, и без владеење на правото од друга страна. Овие два постулати, како што сме свесни, се уредени преку законските акти донесени од владините органи. Овие два постулати, исто така, се стожерите на кои е поставен пазарниот механизам. “Laissez faire” политиката се чини дека е концепт надминат од времето и од реалноста на проблемите со кои се соочуваме.

Второ, првата фундаментална теорема на економијата на благосостојба се чини дека не може да биде применлива во свет каде економските активности со самото свое постоење носат непосакувани странични ефекти. Негативните екстерналии како што е емисијата на јаглероден диоксид кој е основен фактор за климатските промени се еден пример за ова, а за чии штетни последици економистите бараат решенија преку кои ќе се надминат ваквите пазарни недостатоци.

И трето, дури и да ја прифатиме претпоставката за зголемувањето на општествената пита како вистинита, кој ви ја гарантира праведноста на нејзиното сечење и делење на парчињата? Или, пред сѐ друго, што е праведно? Дали мојата перцепција за праведност, ако веќе не е во согласност со оние кај кои се наоѓа ножот за сечење, би се поклопила со вашата перцепција за праведност, знаејќи дека мојата и вашата економска положба се различни, знаејќи дека моето и вашето световно расудување е различно, па и моите и вашите морални вредности се различни? Довербата во пазарниот механизам ќе биде одржлива само тогаш кога ќе биде развиена функционална сигурносна мрежа чија задача ќе биде да нуди помош на оние за кои овој пазарен механизам потфрлил да им обезбеди благодети и покрај нивниот труд.

Со други зборови, светот има потреба од луѓе кои во предвид ќе ја земаат пошироката слика за општествената благосостојба, за разлика од таквите на кои секое помрднување на мускулите им е водено од намерата да остварат личен интерес. Однесувањето на вториве може да нѐ доведе до зголемување на питата (и тоа со дискутабилна успешност), но само дотука и никаде подалеку.

Дозволете ми да направам една мала дигресија, но во интерес на темата за која зборувам. Неодамна прочитав едно дело на викторијанскиот романсиер Чарлс Дикенс (Hard Times, 1854), и веројатно идејата да напишам нешто на темава за благодетта од економските активности влече корени од еден разговор кој се одвива во романот, помеѓу професор и ученичка, токму на час по политичка економија. Имено, тема на предавање на часот е националниот просперитет на Велика Британија и Ирска. Прашањето кое професорот го поставува до ученичката е следно „Да претпоставиме дека оваа училница е една нација. Во неа има педесет милиони парични едници. Дали е тоа просперитетна нација?“ На ова ученичката одговара дека не може со сигурност да одговори, без да знае кој ги поседува тие пари и дали дел од нив се нејзини. Ова, очигледно, не бил одговорот што професорот го очекувал, па го преформулирал прашањето. Овојпат тоа гласело „Нека оваа училница претставува еден голем град и во него живеат милион жители. Дваесет и пет од нив живеат во сиромаштија и беда, прегладнети се и живеат на улиците. Кое е вашето видување за благосостојбата на градот?“ Одговорот кој професорот го добива од ученичката е следен „Претпоставувам дека мизеријата на прегладнетите луѓе е еднаква, безразлика дали во градот има еден милион или една милијарда луѓе, професоре.“

Би ве прашал вас, но поради неможноста да ги чујам вашите ставови, би ве замолил да размислите за наивноста во разговорот. Што се однесува до мене, прифаќајќи дека е сосема веројатно да не го делите моето мислење, наивноста не ја гледам во одговорите на ученичката. Напротив. Наивно е страдањата на поединците да ги сведуваме на бројки, статистика, проценти и индикатори. Од какво фајде се, ако не служат за решавање на проблемите. Впрочем, економијата како наука не го добива општествениот респект преку макроекономските модели и економетриските равенки кои се неразбирливи за пошироката јавност, туку како што медицината служи за помагање на болните и како што полицијата служи за заштита на редот во општеството, а не служат за обогатување на лекарите и полициските функционери, така и економијата служи за пронаоѓање начини да се зголеми благосостојбата на с и т е, а не само на некои. Респектот на економијата како наука произлегува од можноста да служи на општеството.

Да се навратам кон прашањата за праведноста при распределбата на општествената пита. Тешкотиите при одговорот на ваквите прашања не треба да нѐ натераат кон очајание, зашто самото размислување за праведната поделба на питата е своевиден бунт против доминантната неправедност со која денес се соочуваме. Самиот факт дека ние размислуваме за праведноста како поим нѐ вади на вистинскиот пат. Недостатоците во првичните економски теореми би можеле да се надминат преку нивна ревизија и надополнување. Тоа е единствен начин преку кој се развива секоја наука позната на човекот. Во однос на првата фундаментална теорема на економијата на благосостојба, кај која ги увидовме основните недостатоци, можеме да кажеме дека е време за „Втора фундаментална теорема на економијата на благосостојба“. Би се состоела во следнава кратка дефиниција: ефикасна распределба може да се постигне преку конкурентските пазарни сили, потпомогнати од механизмите на редистрибуција. Оваа дефиниција е практична затоа што прави јасна дистинкција помеѓу ефикасноста и распределбата.

Општественото лидерство без исклучок бара општествено одговорни поединци. Секое отстапување од констатацијата не само што се покажува како пречка за остварување економски развој, туку низ вековната историја се докажа и како причина за пропаст на цивилизациите.

ОДГОВОРЕТЕ

Ве молиме внесете го Вашиот коментар!
Ве молиме внесете го Вашето име овде